Осудениот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски преку писмо соопшти дека кривично ќе гони 40-на функционери и бизнисмени поради злоупотреба на службената положба, лажен исказ и непружање на лекарска помош.

Писмото денеска пред Обвинителството го прочита неговиот адвокат Сашо Дуковски.

– За да се избегнат сите шпекулации, јас со ова соопштение ви кажувам дека пријавите се однесуваат на носители на јавни функции, лица-политичари кои се дел од актуелната извршна власт, за лица од бизнис секторот, неколку цивилни лица блиски до политичарите и носителите на јавни функции – се вели во писмото на Јовановски.

Понатаму, Јовановски тврди дека е цел на закани и уцени.

– Одговорно ви тврдам дека нема да ме спречат во што и да сакаат да применат и било кои методи на уцени и закани. Единствено ќе ме спречат доколку ме лишат од живот, односно доколку посегнат по мојот живот, но повторувам нема да ме спречат во мојата чесна граѓанска должност и намерата во борбата со вистинските криминалци – пишува Јовановски.