Сите разбираат колку е важен Западен Балкан и затоа 15 години по средбата во Солун имаме можност денеска да разговараме за таа тема, рече бугарскиот премиер Бојко Борисов, пред отворањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој се одржува во Софија.

Тој нагласи дека денеска во рамки на форумот ќе учествуваат и банките со интерес за заеднички инфраструктурни проекти.

На маргините на Самитот во тек е средба меѓу премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, која е втора тет-а-тет средба по таа во Давос.

Лидерите на двете земји ќе се обидат да ги усогласат ставовите околу спорните прашања во преговорите, оспегот на употреба и измената на македонскиот Устав со цел да се постигне решение за долгогодишниот спор, кој претставува пречка за европските и евроатланските интеграции на Македонија.

Самитот, што денеска се одржува во Софија е најголемиот настан што го организира Бугарија како актуелен претседавач на Унијата, кој како еден од приоритетите си го постави враќањето на Западен Балкан високо на агендата на Унијата.

Поврзаност во транспортот, енергијата и дигиталната инфраструктура, образованието и други аспекти е тема на Самитот, на кој учествува македонска владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев.

Со самитот претседава претседателот на Европскиот совет Туск, кој ја претставува ЕУ, заедно со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.

На Самитот учествуваат и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани.