Поминаа единаесет години од смртта Боре Ангеловски, доајенот и пионерот на театарот на апсурдот во Македонија, следбеник на неконвенционалниот пристап на театарскиот чин, иноватор и револуционер на комплексниот театарски израз. Ангеловски беше основач и уметнички раководител на „Младинското драмско студио – Велес“, како и основач и уметнички раководител на „Театар Чекори – Скопје“.  

Боре Ангеловски

На 18 декември 1965 година на Младинската сцена при Народниот театар во Велес, за првпат во Македонија премиерно е изведена претставата „Чекајќи го Годо“ од Семјуел Бекет, во превод, режија, сценографија, костимографија на Ангеловски. Тој воедно ја толкува и една од главните улоги во претставата, улогата на Владимир-Диди. На тој датум настанува пресвртница за театарот во Македонија, воопшто. Се раѓа модерниот театар, се раѓа македонската театарска авангарда, македонската публика за првпат се сретнува со театарот на апсурдот.

Бекет станува трајна окупација на Ангеловски. Во 1967 и 1977 година ја поставува пиесата „Крајот на играта“, а во 1970 година ја поставува „Последната лента на Крап“. Потоа следува „Крајот на играта“, пиеса со две лица, на самиот раб на егзистенцијата, во безизлезното јадро на склерозата, фрлени во контејнерите на градската хигиена. И најпосле пиесата „Последната лента на Крап“.

Сцена од преставата „Чекајќи го Годо“

– Ако е театар, тој е вечно жив. Ако е театар, историја е и ука за болките како непробол. Ако е театар, народ е дух и држава. Ако е театар, тој нè храни и нè евидентира во времето и просторот. Ако е театар, тој е можеби држава или религија. Ако е театар, дух е мисла и весела. Ако е театар, минатото е сегашност и иднина. Ако е театар, тој е наша – твоја должност во општеството, како жител, како граѓанин, како човек, а не привилегија на поединецот. Ако е театар, и е празник на човекот од планетата, нека ни е честит. Ако е театар, и сè уште е жив да воскликнеме, да живее театарот – се познатите зборови на Ангеловски.

Ангеловски умира од срцев удар на 14 јуни 2009 година во родниот град Велес, само три дена по неговата последна премиера.