Емануел Макрон можеби го освои претседателскиот мандат со ветувањата дека ќе го порази популизмот, но деновиве повеќе балкански држави го нарекуваат „европскиот Трамп“. Причината за ваквата невообичаена споредба претставува категоричното противење на францускиот претседател кон проширувањето на ЕУ, објавува „Ал џезира“. 

Минатата недела, за време на самитот во Брисел, Макрон стави вето на отворањето на пристапните преговори со Македонија и со Албанија. Францускиот лидер беше осамен во одбивањето на Македонија и беше поддржан единствено од лидерите на Данска и на Холандија во одбивањето на Албанија.

Макрон ја бранеше неговата одлука, која веднаш беше окарактеризирана како „историска грешка“ од шефот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, со ставот оти ЕУ треба да се насочи кон средување на сопствената куќа пред да ја разгледува можноста за нови членови.

– Ова е несогласување за визијата. Прописите за проширување треба да се реформираат – кажа Макрон.

Во Франција постои почитувана традиција за согледување на Европа преку концентрични кругови која датира уште од претседателството на Франсоа Митеран. Во оваа визија, која Макрон јасно ја усвоил, Источноевропејците се добредојдени да соработуваат со ЕУ, но тие не припаѓаат на „навистина европскиот“ круг. 

Во раните 90-ти години, соочен со барањата од Полјаците, Унгарците, Чесите и од другите поранешни комунистички нации од Централна и од Источна Европа да се „вратат во Европа“, Митеран осмисли нацрт-план за Европа кој ја става Франција во јадрото на мала и добро интегрирана западноевропска унија, која ќе има само широка економска соработка со нејзините источни соседи.

На крајот желбата на Митеран да ги држи нациите од Централна и од Источна Европа надвор од ЕУ беше игнорирана од останатите основачи на блокот. Но, одлуката на Британија за напуштање на Унијата отвори можност за Франција да го адаптира планот на Митеран во 21-от век.

Макрон ја претстави визијата во серија говори, објаснувајќи дека сака да создаде Европа на „три нивоа“. Тесен круг составен од видливо засилена еврозона, втор круг кој се состои од членки на ЕУ во силен единствен пазар и помалку интегриран надворешен круг кој е унија врз основа на „вредности, демократски принципи и економски слободи“, кој потенцијално, во иднина би можел да ги вклучува и Турција и Русија. 

Причината за мисијата на Макрон за ставање крај на проширувањето на ЕУ е едноставна. Тој верува дека проширувањето пропаднало. Па така, според него, Македонија и Албанија треба да останат во чекалницата. Преку блокирање на членството на Македонија и Албанија, Макрон ги направи првите чекори кон остварување на неговата визија. Но неговиот прв чекор ги доведе во прашање ЕУ и стабилноста на континентот.