Британскиот премиер, Борис Џонсон, ја мина ноќта во одделение за интензивна нега во лондонската болница „Свети Томас“ и неговата состојба е непроменета, јавија утрово британските медиуми.

Личната битка на Џонсон со коронавирусот ја потресе британската влада во време кога земјата, според научниците, влегуваше можеби во најлошата недела на пандемијата.

Британскиот премиер на 27 март објави дека е заразен со коронавирус и беше во самоизолација на Даунинг стрит до неделата кога бил пренесен во болница, бидејќи симптомите не престанале.

Тој синоќа бил пренесен во одделението за интензивна нега бидејќи неговата состојба брзо со влошила. Извор од болницата за медиумите изјавил дека Џонсон добил кислород, но бил свесен и не е поврзан на респиратор.

Додека е на интензивната нега Џонсон ќе биде заменет од министерот за надворешни работи Доминик Рааб. Кралицата Елизабета е известана за ситуацијата, објави Бакингамската палата.

Портпаролот на Џонсон вчера не сакаше да одговори на прашањето дали премиерот имал пневмонија, но потегот за негово преместување на интензивна говори за сериозноста на ситуацијата.

Здравствените експерти, контактирани од британските медиуми, велат дека нема сомнеж оти Џонсон е многу болен.