Коосновачот на „Мајкрософт“ и вториот најбогат човек на светот – Бил Гејтс, во екот на пандемијата го предупреди светот на еден голем проблем кој што моменталната пандемија само го засени, но никако не го спречи.

Бил Гејтс на својот блог „Гејтсноутс“ во понеделникот прогласи „недела на комарците“.

Тој потсети дека секоја вечер тие инсекти заразуваат милиони луѓе од маларија, болеста која што одзема и детски животи, на секои две минути.

– Комарците не практикуваат социјално дистанцирање. Исто така, не носат ниту маски. Како што ковид-19 се шири во светот, важно е да се запамети дека најсмртоносното животно на светот не замина на пауза во текот на оваа пандемија – напиша Гејтс.

Повеќето смртни случаи од маларија настапуваат во најсиромашните земји на светот, порача Гејтс во видеопорака која што ја објави и на својот профил на Твитер.

Тој исто така порача дека пандемијата на коронавирус може драстично да ја промени превенцијата и лечењето на маларијата, што би можело да доведе до голем пораст на смртноста од таа болест, односно бројки какви што досега не сме виделе.