Лондонските ривали Челси и Арсенал ќе се сретнат во финалето на Лига Европа, откако вечерва ги елиминираа Ајнтрахт Франкфурт, односно Валенсија, во полуфиналните дуели од Лига Европа, со што ја потврдија англиската доминација во континенталните фудбалски натпреварувања сезонава.

Челси го совлада Ајнтрахт на пенали 5-4, откако мечот на „Стемфорд бриџ“ заврши 1-1 по 120 минути игра (истиот резултат беше постигнат на првиот натпревар во Франкфурт). Арсенал, пак, повторно славеше против Валенсија, овојпат со 4-2, по триумфот од 3-1 во првата средба.

На тој начин, четирите учесници во пресметките за трофеите во Лигата на шампионите (Ливерпул ќе игра против Тотенхем) и во Лига Европа првпат доаѓаат од иста држава.

Фудбалерите на Арсенал слават на стадионот „Месталја“ во Валенсија

Рубен Лофтус-Чик му донесе предност на Челси во 28-та минута, но талентираниот српски напаѓач Лука Јовиќ успеа да го совлада Кепа Аризабалага за израмнување во 49-та минута. „Сините“ први промашија од белата точка, кога Кевин Трап го одбрани ударот на вториот изведувач на лондончани Сезар Аспиликуета, но Кепа ги сопре последните два шута на Мартин Хинтерегер и Госало Пасиенсија, со што му овозможи на Еден Азар да го одведе англискиот премиерлигаш во финалето, со прецизно изведен удар од 11 метри во петтата серија.

Во Валенсија домашниот напаѓач Кевин Гамеиро го отвори резултатот во 11-та минута, за Пјер-Емерик Обамејанг да израмни на 1-1 шест минути подоцна, по што „топчиите“ дојдоа до предност преку Александер Лаказет во 50-та минута. Гамеиро повторно беше прецизен во 58-минута, но Обамејанг стигна до хет-трик со погодоците во 69-та и во 89-та минута, со кои го постави конечниот резултат.

Челси и Арсенал ќе се борат за трофејот во Лига Европа на 29 мај во Баку, Азербејџан.