Американците се повеќе се непријателски настроени кон Кина додека пандемијата на коронавирус ја уништува американската и глобалната економија, се вели во студијата објавена денеска во САД.

Се смета дека кон ваквиот став придонела и кампањата на администрацијата на Трамп против Кина. Истражувањето, спроведено минатиот месец од страна на непартискиот Центар за истражување Пев, покажува дека дури две третини од испитаниците (66 отсто) не се наклонети кон Кина. Тоа е значителен скок од 20 отсто, во однос на истражувањата пред претседателот Доналд Трамп да влезе во Белата куќа во 2017 година.
 
Резултатите покажуваат дека обвинувањата на Трамп дека несовесноста на Кина довела до пандемија имаат влијание врз тамошното население. Истражувањето исто така покажува дека наглата промена во ставот на повеќето Американци е во голема мерка под влијание на трговската војна меѓу Кина и САД. Индикација за тоа е дека порастот на нетрпеливоста кон Кина се зголемил најмногу во 2019 година, а во март, во екот на пандемијата, немало значителни промени.
       
Понатаму, Американците веруваат дека и покрај пандемијата, САД се најсилната воена и економска моќ, па 91 отсто веруваат дека светот е подобар под американско отколку под кинеско раководство.