Американската морнарица денеска објави дека носачот на авиони УСС „Роналд Реган“ влегол во Јужнокинеското Море како дел од рутинска мисија.

Сепак, агенциите потсетуваат дека ситуацијата сега е многу напната поради растечките тензии меѓу Вашингтон и Пекинг, кои тврдат дека имаат право на тој воден пат.

– Додека е во Јужнокинеското Море, ударната група спроведува поморски безбедносни операции, а присуството на носачот на авиони УСС „Роналд Реган“ е дел од рутинското присуство на американската морнарица во Индо-Пацификот – соопшти морнарицата на САД.

Кина често протестира против воените мисии на САД во Јужното кинеско море, за кои вели дека не помагаат во унапредување на мирот и стабилноста, а оваа изјава на американската војска доаѓа откако Кина ја осуди заедничката изјава на Групата седум (Г7), во која се критикуваше Пекинг за низа прашања.

Кина го зголеми своето воено присуство во Јужнокинеското море во последните неколку години, вклучително и изградба на вештачки острови и воздушни бази.

Јужнокинеското Море стана една од многуте точки на напнатост во односите меѓу Кина и САД, со тоа што Вашингтон ги отфрли, како што ги нарече, незаконските територијални претензии на Пекинг во овие води богати со ресурси, тврдени од неколку земји од Југоисточна Азија.