Над 300 американски медиуми денеска започнаа кампања за слобода на печатот, како реакција на нападите врз новинарите од страна на претседателот на САД, Доналд Трамп.

Кампањата ја иницираше бостонскиот весник „Бостон Глоуб“, кој минатата недела ги повика американските медиуми да објават уреднички коментари со критика на „валканата војна“ на Трамп против медиумските организации и новинарите, со употреба на хаштагот #EnemyOfNone (Ничиј непријател).

Трамп досега во повеќе наврати ги квалификуваше медиумите како „лажни вести“ и ги напаѓаше новинарите како „непријатели на народот“.

Во својот денешен уреднички коментар под наслов „Новинарите не се непријатели“, „Бостон Глоуб“ наведува дека слободата на печатот е суштина на американскиот принцип повеќе од 200 години, при што нападите на Администрацијата во Вашингтон врз медиумите ги оценува како многу опасни.

– Големината на Америка зависи од способноста на слободниот печат да им ја кажува вистината на одговорните. На печатот да му се лепи етикета на непријател на народот е неамерикански и е опасно за граѓанскиот принцип – оценува „Бостон Глоуб“ .

Весникот „Канзас Сити Стар“ ги изедначува нападите на Трамп врз медиумите со задушувањето на критичарите од страна на Сталин.

– Насекаде во светот секое нешто за кое одреден висок функционер не сака да зборува или за кое читателот не сака да слуша, денес се квалификува како лажна вест – оценува весникот во својот коментар.

Солидарност со американските медиуми изрази и британскиот весник „Гардијан“, кој во својот коментар оценува дека Трамп е првиот претседател кој „води смислена и конзистентна политика на поткопување, делигитимирање, па дури и загрозување на работата на медиумите“.

– Слободата на медиумите не е измислена во САД, но има само малку држави во кои значењето на независниот печат имаше толкаво големо влијание во историјата како што беше случај во оваа земја. Славната американска традиција на почитување и говорење на вистината денеска е загрозена – оценува „Гардијан“ во својот коментар.

„Бостон Глоуб“ минатата недела апелираше до уредниците на американските весници на 16 август да објават уреднички коментари со кои ќе „пружат координиран одговор на валканата војна против слободата на медиумите“ што ја води Трамп.