Пол Вилан (десно) беше уапсен под обвинение за шпионажа

Елизабет Вилан има една цел, а тоа е да го натера претседателот да се заинтересира за случајот на нејзиниот брат

Атлантик

Авторка: Илејна Плот

Елизабет Вилан, сликарка на портрети од Мартас Вињард, никогаш не била наклонета кон политиката. Кога таа се најде во еден вид на политички храм опкружена со украсни статуетки на Доналд Трамп што стојат веднаш до шише розе вино со брендот на Трамп, шолја за кафе со Трамп, шапки со натписот „Да ја направиме Америка повторно голема“ во црвена, бела и сина боја, навивачки реквизити со Трамп и етикети од кампањата на Трамп и Пенс со слоганот „Спас за слободата“, знаеше дека дошла на вистинското место.

Во оваа канцеларија таа дојде да зборува за случајот на својот брат, за што специјално допатува во Вашингтон. Лани на 28 декември, Пол Вилан заминал од неговиот дом во Мичиген за Москва за да присуствува на свадба на негов пријател, а руските разузнавачи го уапсиле под обвинение за шпионажа. Четириесет и девет годишниот поранешен шеф за безбедност во производствена фирма оттогаш се наоѓа во затвор од царската ера во Москва. Семејството тврди дека неговото здравје е влошено, нема пристап до правен застапник на англиски јазик и оти американската амбасада има ограничена посета. Педесет и седум годишната Елизабет, која пред апсењето на Пол се занимавала со сликарство и уживала на солениот воздух на Вињард, сега лично ја почувствува горчината на нарушените односи меѓу САД и Русија.

Токму затоа во еден обичен петок, таа појде во канцеларијата на Дејвид Урбан, шеф на кампањата на Трамп и корпоративен лобист кој постојано е во контакт со претседателот, а секретарот Мајк Пенс му е близок пријател и колега од Американската воена академија. Успех беше и самото тоа што Урбан се согласи на состанокот. Со месеци Елизабет се трудеше да го претстави случајот во Белата куќа, Конгресот, Стејт департментот, односно секаде каде што некој би се заинтересирал.
Елизабет раскажува дека откако се дознало дека Пол е уапсен, неговото семејство „барем се утешило дека е жив, но никој не се заинтересирал да помогне и да советува како понатаму да се постапува“. Постојат добри причини зошто Елизабет е збунета, односно како може еден американски државјанин да биде во притвор на странска влада, особено ненаклонета кон САД, под обвинение за кое владата не доставила докази. Зошто нејзината држава не презела некакви мерки?

Елизабет за кратко време открила дека има две пречки за ослободување на нејзиниот брат. Првата пречка била тоа што Пол Вилан не бил совршена жртва. Еден висок конгресен претставник и експерт по руска политика, кој сакаше да остане анонимен за „Атлантик“, изјави дека „неговиот случај воопшто не бил јасно дефиниран“ и смета дека „не се работи за случајна грешка“.

Пол се вклучил во маринскиот корпус во 1994 година и бил наредник во војната во Ирак од 2003 до 2008 година. Но во јануари 2008 година, тој добил пресуда од воен суд под обвинение „поврзаност со кражба“, според неговото официјално досие. Бил обвинет за обид за кражба на 10.000 долари од владата додека служел во Ирак и дека користел лажни податоци во владиниот компјутерски систем за сам да го оцени напредувањето во службата. На крајот бил отстранет од армијата поради лошо однесување.

Втората пречка било прашањето дали навистина бил шпион или не. Пол работел како шеф на безбедност во меѓународен производител на автомобилски делови кога бил уапсен. Граѓанин е на четири држави, односно на САД, Велика Британија, Република Ирска и на Канада, и сите четири пасоши му се валидни. Не било важно тоа што веднаш по апсењето на Пол, актуелни и поранешни разузнавачи од ЦИА ги отфрлија претпоставките дека работел за нив, со тоа што изјавија дека воениот суд најверојатно му забранил на Пол да се вработи во агенцијата и дека невозможно е САД да испратат агент без тој да има дипломатско покритие. Не било важно ниту тоа што Вилан постојано ги негирал обвиненијата, или дека само неколку дена по неговото апсење, адвокатот назначен од ФСБ претпоставил пред еден новинар оти Русите одамна го следеле Пол и го сметале за шанса за размена на руски затвореници во САД.

Тука најдобро се гледаат ограничувањата со кои се соочува одбраната на сестрата. Прашањата кои сега поминуваат низ главата на Елизабет се: „како ќе објасните дека вашиот брат не е само човек со сомнително воено досие? Многу луѓе имаат повеќе државјанства, а како воедно вие имате три? Со сета должна почит, дали личам на шпионка? Како ќе убедите некого да му верува на вашиот брат и како се справувате кога сфаќате дека тешко ви оди?“

Елизабет вели дека ѝ е тешко затоа што во случајов како постара сестра е загрижена за помладиот брат. Кога дознала за случката прво не можела да поверува. Кога пристигнала во Вашингтон за да бара одговори, се трудела да има позитивен став, но понекогаш ѝ било тешко да ги контролира чувствата.

Процесот за ослободување на Пол е загрозен од радиоактивната динамика во односите меѓу САД на Трамп и Русија на Владимир Путин што е пречка дури и за едно големо недоразбирање. Многу поранешни разузнавачи шпекулираат дека апсењето на Пол е одговор на американското апсење на Марија Бутина, триесетгодишната Русинка која лани во ноември ја призна вината дека заговарала да дејствува како нерегистриран странски агент. Но Бутина беше ослободена минатиот месец. Во меѓувреме, еден руски суд го продолжи притворот на Пол за уште два месеци.

Првата цел на Урбан е случајот на Пол да се претстави како погрешно приведување. Во изминатите две недели тој одржа состаноци со претставници од Стејт департментот, Министерството за одбрана и Советот за национална безбедност.

Откако Урбан се согласил да помогне, Елизабет за прв пат почувствувала олеснување. Кога патувала во Вашингтон честопати сметала дека е небитна, па дури не верувала дека „еден обичен човек од Масачусетс, како неа, би можел да ги убеди руската, па и американската влада“. Таа се развесели кога се сети на последниот пат кога се видела со Пол, за време на еден викенд во јули, кога тој дошол дури од Мичиген за да ѝ помогне за ликовната изложба, затоа што секогаш ја поддржувал. Елизабет вели дека семејството треба да се чува и веќе се гледа дека не се чувствува неважно.

Превод: Билјана Здравковска