„Амазон“ и „Мајкрософт“ се натпреваруваат кој да го добие договорот за контроверзниот „воен облак“ вреден 10 милијарди долари

Индипендент

Пентагон распиша тендер за договорот за „воен облак“ вреден 10 милијарди долари за кој ќе се натпреваруваат „Амазон“ и „Мајкрософт“ и воедно кој од нив ќе изгради воен компјутерски систем со вештачка интелигенција. Резултатите од тендерот ќе бидат објавени наредниот месец.

Планот за заедничка корпоративна одбранбена инфраструктура (ЏЕДАЈ) се соочува со многубројни пречки пред американското министерство за одбрана да ја донесе одлуката наредниот месец, кои особено потекнуваат од самите вработени во компаниите.

Вработените во Мајкрософт објавија отворено писмо во „Медиум“ лани, во кое бараа од технолошкиот гигант да не конкурира за овој договор. Во писмото стои дека „многу вработени во „Мајкрософт“ сметаат дека тоа што ќе го изградат не треба да се употреби за водење војни“.

„Оракл“ исто така иницираше правен спор, но го загуби уште во првата фаза од тендерот. „Оракл“ тврди дека постои конфликт на интереси затоа што во „Амазон“ е вработен поранешен функционер од американското министерство за одбрана.

Но ако воопшто стартува проектот, фигуративно и буквално, „воениот облак“ од корен ќе го смени начинот на современо војување.

Како ќе функционира „воениот облак“?

Проектот „ЏЕДАЈ“ ќе вклучува конструирање на голем компјутерски систем, додека мрежата на серверите што ќе биде поставена на Интернет и ќе се користи за чување и обработување на податоци. „Воениот облак“ ќе ги користи овие сервери за чување на доверливи воени информации, додека истовремено ќе овозможи вештачката интелигенција да се користи во воените планови.

Лани Пентагон соопшти во еден стратегиски документ дека „облакот е нераскинлив елемент од светската инфраструктура што ќе го обезбеди војникот со информации и ќе биде од клучно значење за технолошкиот напредок на војската. Тој е потребен за тактичката подготвеност во мисиите, заедно со потребата за употреба на вештачката интелигенција, додека се гарантира заштитата и ефикасноста“.

Каква технологија ќе користи?

„Воениот облак“ ќе биде сличен на другите вакви компјутерски системи за чување податоци, а компјутерските процесори ќе се чуваат во податочни центри на други локации, далеку од местото на нивно користење. Главната разлика е што корисникот ќе биде американската војска и затоа огромен ќе биде опсегот и безбедноста. Ова значи дека најверојатно ќе се користи технологија слична на онаа што веќе се употребува во онлајн-услугите на „Амазон“, или во облакот на Виндоус, иако целосно ќе биде одвоена од стандардниот Интернет со посебни заштити.

Како ќе им користи на војниците?

Американската војска верува дека „воениот облак“ значително ќе ги подобри теренските операции, со тоа што на борбените сили ќе им овозможи директен пристап до неверојатно моќни компјутери со вештачка интелигенција, што ќе им помогнат во стратегијата на бојното поле.

Војниците исто така ќе добијат пристап до доверливи информации кои ќе бидат строго кодирани, за да не паднат во рацете на непријателот. Според стратегискиот документ на Министерството за одбрана, проектот треба да ги замени „лошо поврзаните и хиерархиски информациски системи“. Кратенката на проектот инспирирана од филмовите „Војна на ѕвездите“ можеби веднаш асоцира на научно-фантастични оружја, иако во реалноста „воениот облак“ ќе ги зајакне веќе високо напредните технолошки капацитети на американската војска.

Подготвила: Билјана Здравковска