САД денеска официјално ја отворија амбасадата во Израел која е преместена од Тел Авив во Ерусалим.

– Денеска ја отвораме амбасадата на САД во Ерусалим. Денешниот историски настан му се припишува на визијата, храброста и моралната јасност на еден човек на кого му должиме многу и кому сме вечно благодарни – претседателот Доналд Трамп – кажа американскиот амбасадор Дејвид Фридмен, чија изјава беше пречекана со овации од присутните, кои го скандираа името на претседателот на САД.

На церемонијата присуствуваше делегација од Вашингтон, како и израелското политичко раководство.

Американскиот претседател Доналд Трамп се обрати во живо, преку видео-линк на присустните на церемонијата, а во Ерусалим се наоѓаат неговата ќерка Иванка Трамп и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер, кој воедно е и советник во Белата куќа.

Најмалку 52-ца Палестинци се убиени, а околу две илјади се повредени денеска кај граничната линија меѓу Израел и Појасот Газа, соопштија локални извори. Илјадници Палестинци денеска се собраа по границата на палестинските територии со Израел, за да протестираат против преместувањето на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим. Протестите се претворија во судири, во кои израелските војници употребија огнено оружје.