Плановите на Емануел Макрон за измени на државниот пензиски систем, наречени „големиот прасок“, претставуваат закана за нови потреси во Франција, откако францускиот претседател навидум успеа да се справи со протестите на „жолтите елеци“, пишува „Политико“.

Вработените во метрото и во автобускиот превоз минатата недела предизвикаа застој на безмалку целиот јавен транспорт во Париз, за првпат во последните 12 години, а неделава, адвокатите, докторите, медицинските сестри и пилотите излегоа на улиците на главниот град на Франција. Најавени се уште неколку синдикални протести во кои Макрон е обвинет за „нарушување на францускиот начин на живот“.

Пензиските реформи познати како „големиот прасок“ ветени од Макрон во текот на изборите во 2017 година претставуваат голем ризик. Станува збор за обид за соединување на 42-та различни државни пензиски системи во еден. Поранешниот француски претседател Жак Ширак е последниот кој се обиде да го спроведе ваквиот амбициозен потфат во 1995 година. Тој подоцна беше приморан да се повлече, а ги загуби и парламентарните избори 18 месеци подоцна. Сегашниот пензиски систем се смета за нефер поради несоодветното почитување на старосната граница за пензионирање на 62-годишна возраст, и покрај тоа што државните пензии се сметаат за дарежливи.

Осмислени за да се справат со еден од најголемите проблеми во француската економија, реформите делуваат како добар потег на долгорочни патеки. Но краткорочните ефекти не се примамливи. Се очекува плановите да функционираат во потполност за шест години, што значи дека нема да донесат придобивки пред претседателските избори во 2022 година. Тоа значи дека станува збор за неопходна, но реформа која не носи награда, што политичарите вообичаено ја избегнуваат. Реформите за пензискиот план се последниот чекор од планот на Макрон за спас на Франција. Тој смета дека нема да може да го преземе водството во Европската Унија, додека не ги реши домашните проблеми, со што е подготвен за ризикот, според познавачите на состојбите. Макрон затоа е подготвен да прекрши едно од главните правила на политиката кое гласи „немој да правиш ништо што ќе донесе подобрување на долги патеки, доколку тоа сега ги лути гласачите“.