Во текот на денешниот ден во Штип, арт активистите спроведоа акција поврзана со неодговорното однесување на работодавачите, превозниците, работниците и институциите, откако беа заразени повеќе работнички во штипските фабрики, а кои биле превезувани групно во автобус до работните места.

– Преку оваа акција сакавме да ја потенцираме неодговорноста и непочитувањето на насоките и мерките за заштита дадени од Светската здравствена организација и Кризниот штаб, поради што станавме сведоци на ширењето на заразата со ковид-19 и на неможноста да се заштитат граѓаните на Општина Штип и околината – велат активистите.

 

Нивната цел е да ја пренесат пораката дека неодговорното однесување си има своја цена и истото е претставено преку банерот кој е поврзан со претходната акција.

– Претходно во автобусите се возеа суперхероите на Штип, но денеска тие се полупразни бидејќи во нив се ширеше заразата со корона вирусот. Автобусите сега, наместо супер херои, превезуваат вируси на ковид-19 – посочиуваат активистите кои ја спроведоа акцијата.

Исто така, пред текстилните фабрики, Општина Штип, плоштад „Слобода“ и градскиот пазар се поставени инсталации со фискални сметки, фактури и парагон блок на кои ги има податоците со бројот на заразени и мерките кои беа прекршувани како показател дека неодговорното однесување и непочитувањето на мерките резултира во зголемениот број на заразени, дијагностицирани, хоспитализирани и починати.

Активистите апелираат до сите граѓани, работодавачи, превозници и институции, да ги почитуваат мерките, да бидат сите одговорни, солидарни, на висина на задачата и да се заштити колективното здравје во Штип.