Што може Грција да очекува од „новата ера“ во односите со САД?

445

Американскиот државен секретар Мајк Помпео прогласи „нова ера“ во односите со Грција, која САД ја гледаат како столб на стабилноста во нестабилниот регион, пишува „Гардијан“.

– Дојдов во Грција да го проширам партнерството кое веќе е на најдоброто ниво – кажа Помпео по потпишувањето на договорот за одбранбена соработка помеѓу САД и Грција, во текот на неговата дводневна посета во Атина.

Грција ќе се обиде ја искористи поволната ситуација за да бара одредени безбедносни гаранции, како и добивање на опрема од Пентагон, откако меѓусебните односи со САД се на најдобро ниво во последните неколку децении.

Тимовите задолжени за усогласување на деталите од договорот ќе се сретнат неделава. Спогодбата ќе им овозможи на САД да ја прошират поморската база користена од Шестата флота на Крит, да отвори капацитети за пилоти и бази за дронови. Грчките сили исто така ќе имаат придобивки од договорот. А унапредувањето на договорот ќе влијае и врз подобрување на меѓусебната економска соработка, како и на полето на енергетиката.

Постојат мислења дека договорот е резултат на заладувањето на односите помеѓу САД и Турција. Но, грчките медиуми, сепак, предупредуваат дека Грција треба да биде воздржана во очекувањата од соработката. А познавачите на состојбите сметаат дека кинеското присуство во Грција ќе биде осетливо прашање.

– Тие што веруваат дека САД ќе и го свртат грбот на Турција се лажат. Таквите тектонски промени бараат подолго време за реализација. А оние од другата страна на Атлантикот што бараа шестгодишен договор за одбрана избрзаа – пишува „Катимерини“.

Значителните промени во владејачката структура во Грција во изминатите неколку децении не влијеја врз проамериканската ориентација на политиката на јужниот сосед.

На повидок е ново грчко-американско партнерство за одбрана и изградба на нови воени бази. Овој дијалог се совпаѓа со преговарачкиот процес за ажуриран заеднички договор за одбранбена соработка. Сегашната спогодба беше потпишана во 1990 година и исто така го продолжи функционирањето на американските бази во Грција.

Новиот договор е фокусиран на условите што ќе овозможат и дополнително ќе го засилат американското присуство во базите во Соуда кои станаа центар на американското аеронаутичко присуство во поширокиот регион, како и за проширување на користењето на Лариса како воздушна база. Згора, спогодбата треба да овозможи и користење на градот Дедеагач од страна на американската морнарица, поради неговата стратешка локација.