Шкотска сака да се врати во ЕУ како независна држава

262

Ќе се вратиме во срцето на Европа како независна држава – напиша на Твитер премиерката на Шкотска, Никола Стурџен. Според неа, брегзит ќе го забрза патот за независност на Шкотска.

И владејачката Национална партија на Шкотска се огласи на Твитер по брегзитот.

Тие објавија фотографија на која се гледа симболично вклучено светло со порака: „Шкотска ѝ испрати порака на Европа во Брисел“, како дел од кампањата #LeaveALigthOn (оставете вклучено светло).


Пораката всушност е изјава на шкотскиот парламентарец Алин Смит, кој ја повика ЕУ да остави вклучено светло за да може Шкотска да го пронајде патот до дома.

Стурџен синоќа неколку часа пред полноќ, пред Велика Британија да ја напушти Европската Унија, го нагласи јазот меѓу Лондон и Единбург.

На референдумот за независност во 2014 година, 55 отсто од шкотските гласачи беа „против“, а 45 отсто беа „за“. Но, во 2016 година, 62 отсто од гласачите беа против напуштање на ЕУ.

– Вечерва во 11 часот, Велика Британија за која Шкотска во 2014 година гласаше дека е дел, престанува да постои. Не е само легитимно, туку е неопходно Шкотска да има избор дали го сакаме патот што нè враќа назад во срцето на европското семејство – рече Стурџен.

Анкетата на YouGov оваа недела покажа дека 51 отсто од шкотските гласачи ја поддржуваат независноста.