Чекајќи ја инвазијата препуштени сами на себе

985
Курдите се чувствуваат изневерени од довчерашните сојузници

Курдските сили во Сирија апелираат дека судбината на десетици илјади осомничени борци на Исламска држава и нивните семејства е неизвесна, откако американската војска ненадејно почна да се повлекува од турско-сириската граница, оставајќи ги курдските сојузници сами да се соочат со заканата од турска инвазија, пренесуваат светските медиуми.

Курдските цивили во североисточна Сирија планираат организирано да протестираат во областите во близина на границата со Турција, како одговор на заканата од турска воена операција. Луѓето од најразлични возрасти веќе почнале да се собираат во Рас ел Аин, Тал ел Абијад и во Кобане.

– Тие сакаат да бидат човечки штит за да го спречат турскиот налет – вели еден активист од градот Камишли, каде што илјадници жители се собраа пред канцелариите на Обединетите нации за да бараат одговор од меѓународната заедница.

Собирите почнаа откако САД ја објавија одлуката за повлекување на трупите од североисточниот дел на Сирија. Потегот на Вашингтон го „расчисти патот“ за Анкара да ја почне долгонајавуваната офанзива, односно ги остави Сириските демократски сили (СДФ) предводени од Курдите под закана од напад на Турција, која ги смета за терористи. Курдските сили кои им помогнаа на Американците да ја поразат Исламската држава во Ирак и во Сирија го обвинија Вашингтон за отстапување од обврските. 

Портпаролот на СДФ Мустафа Бали порача дека САД ја напуштиле областа „за да ја претворат во воена зона“, додавајќи дека СДФ „ќе го бранат североистокот на Сирија по секоја цена.“