ЦСКА го врати трофејот во Москва, прекинувајќи го сонот на Анадолу Ефес

156
Вил Клајбурн (бел дрес) ја предводеше ЦСКА Москва до трофејот во Евролигата

Фаворизираната ЦСКА Москва ја освои Евролигата со победа над Анадолу Ефес од 91-83 во финалето на фајналфорот во Виторија, Шпанија, со што не му дозволи на дебитантот на завршните турнири да ја круниса неверојатната сезона со трофеј во престижното натпреварување.

Турскиот клуб помалку неочекувано стигна до финалето, откако лани заврши како последнопласиран клуб во Евролигатата со ефект од седум победи и 23 порази. Но се чини дека годинешниот успех не претставуваше изненадување за тренерот на истанбулскиот клуб, Ергин Атаман, кој во текот на сезонава истакна дека ќе го освои трофејот во Евролигата со Ефес, во што малкумина можеа да поверуваат.

„Пиварите“, сепак, беа запрени на чекор од остварување на сонот, од страна на искусниот состав на ЦСКА Москва, во кој имаше шестмина кошаркари кои беа дел од последниот триумф на рускиот клуб во Евролигата во 2016 година.

„Армејците“ заслужено станаа прваци на Стариот континент по осми пат, благодарение на извонредниот шут за три поени (14 погодени удари од 22 обиди). Тие беа предводени од најкорисниот играч на фајналфорот Вил Клајбурн кој забележа 20 поени, исто како и неговиот соиграч Кори Хигинс. Кај поразената екипа предничеше одличниот Шејн Ларкин кој постигна 29 поени.

Ланскиот првак Реал Мадрид стигна до третото место со триумфот над Фенербахче од 94-75, во мечот што се одигра во пресрет на финалето.