Херојот на Атлетико го остави својот омилен клуб без трофејот на Лига Европа

1687
Гризман беше двоен стрелец во финалето

Освојувањето на Лига Европа, кај Антоан Гризман веројатно предизвика измешани чувства, со оглед на тоа што головите на францускиот фудбалер за Атлетико Мадрид, го оставија неговиот омилен клуб Марсеј без вредниот трофеј, во вечерашното финале одиграно во Лион, во кое Шпанците славеа со 3-0. Гризман беше стрелец во 21-та и во 49-та минута, додека капитенот на Атлетико, Габи, погоди во 89-та минута.

Одличниот напаѓач во повеќе наврати ја истакнуваше својата љубов кон Марсеј, и покрај тоа што таа честопати беше доведувана во прашање од страна на медиумите и на љубителите на фудбалот. Француските новинари го нарекуваат Гризман „човекот со два Олимпика во срцето“ (Олимпик Лион и Олимпик Марсеј се полните имиња на клубовите – н.з.), бидејќи тој тренираше во младите категории на Лион. Голгетерот на Атлетико има фотографија од детството со познатиот центарфор на Лион, Сони Андерсон, на која двоецот ги носи клупските обележја на француската екипа.

Гризман заедно со познатиот напаѓач на Лион Сони Андерсон

Но, се чини дека Гризман ги разреши сите дилеми за неговата навивачка припадност во неодамнешна изјава за француските медиуми.

– Марсеј или Лион? Го претпочитам Марсеј бидејќи почнав да го следам клубот уште како дете. Потоа одев да ги гледам мечевите на Лион, оти беше поблиску до дома, но секогаш го сакав Марсеј. „Велодром“ (стадионот на Марсеј – н.з.) е неверојатно место – кажа Гризман.

Уште еден доказ за симпатиите на убоитиот стрелец кон Марсеј, претставува видеото што тој своевремено го објави на социјалната мрежа Твитер, на кое се забележува како ја игра познатата компјутерска фудбалска симулација „Футбол менаџер“ со клубот од „Велодром“. М.Ж.