Француската фудбалска репрезентација денеска во финалето на Мундијалот ја совлада Хрватска со 4:2 и по вторпат ја освои титулата светски првак.

Хрватите добро го започнаа првото полувреме, имаа контрола врз топката и вршеа притисок врз францускиот гол. Но, по еден прекршок во 18 –тата минута на работ на шеснаесетникот на Хрватска, Гризман нафрли, а во скокот лошо реагираше Марио Манџукиќ и постигна автогол.

По применот гол Хрватите не застанаа и продолжија со нападите, па во 28 минута изедначи Иван Перишиќ. Во вториот дел на првото полувреме Французите воспоставија теренска иницијатива и по едно нафрлање од десната страна, Перишиќ играше со рака, а судијата по прегледувањето на видео снимката, досуди пенал, кој успешно го реализираше Антоан Гризман во 38 минута.

Со овој резултат се замина на полувреме, но во продолжението Франција заигра поофанзивно и во 59-тата минута Пол Погба зголеми на 3:1.

Франција и понатаму продолжи да притиска, па мрежата на Субашиќ ја погоди и Килијан Мбапе со прецизен удар во 65 минута.

Но, по една грешка на голманот Лорис, Марио Манџукиќ намали на 4:2, со што за момент ја врати надежта кај Хрватите дека можеби ќе фатат резултатски приклучок.

Сепак до крајот Французите успеаја да го сочуваат резултатот и по вторпат да ја освојат титулата.