Фетаи побара поконкретни дејствија за екстрадиција на Демири и Исмаиловиќ

192

На почетокот од денешното судење за предметот „Монструм“, обвинителката Фатиме Фетаи рече дека е неприфатливо да се испраќаат и доставуваат исти информации за екстрадицијата на обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ.

– Неприфатливо е за толкав временски период Министерството за правда да пушта барања, а да не се реагира. Во идното писмо да побарате поконкретен одговор за поконкретни дејствија. Сите одговори досега беа исти. За некој месец може да имаме и конечна одлука – рече Фетаи.

Адвокатката на обвинетите, Дафинка Ивановска, побара преку судот средба со министерката и родителите на убиените момчиња.

Фетаи рече дека на крајот на судењето како сведок ќе биде повикан и Звонко Костовски од поранешната УБК, да појасни зошто за некои разговори кои ќе бидат изведени како докази, има само транскрипти, а нема разговори.

На 12 април 2012 година, беа застрелани петмина скопјани додека ловеле риба крај Смилковското езеро.

Убиени беа четири момчиња на возраст од 18 до 21 година од скопската населба Радишани – Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и 45-годишниот Борче Стевковски од селото Црешево.

За петкратното убиство кај Смилковското езеро беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите. Случајот „Монструм“ го презеде СЈО.

За судот сѐ уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.