Фатиме Фетаи се враќа во скопското обвинителство, Лиле Стефанова во Радовиш

3273

Советот на јавни обвинители на денешната седница им го прекина мандатот во СЈО на десетте помошници на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.

Обвинителката Лиле Стефанова се враќа во радовишкото јавно обвинителство. Неа лани ѝ истекол мандатот во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Обвинителите Љубомир Лапе и Бурим Рустеми се враќаат во кумановското јавно обвинителство. Стефчо Донев во Јавното обвинителство во Кочани, Елизабета Јосифовска во Обвинителството во Гостивар. Петмина обвинители – Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски, Артан Ајро, Трајче Пеливанов и Ленче Ристоска од утре на работа ќе одат во скопското обвинителство.

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски рече дека отпосле ќе одлучуваат за евентуално времено упатување во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.Одлуката стапува на сила по објавата во Службен весник.

Колевски рече дека Законот за СЈО сѐ уште е во правна сила и е отворена опцијата обвинителите да бидат прераспоредени на места со споредливи лични примања, т.е. во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција или во Вишото обвинителство.

Поранешната шефица на специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева повеќе не е ниту гевгелиски обвинител.