Упадот во „Oбласт 51“ не е шега

1762

Американското воено воздухопловство упати остро предупредување до повеќе од шестотини илјади луѓе кои планираат да упаднат во тајната воена база во пустината Невада, позната како „Област 51“, во обид „да ги видат вонземјаните“, пишува „Индипендент“.

Преку 600 илјади луѓе се пријавија за учество на настанот наречен „Упаднете во ’Област 51’, не можат да не запрат сите“, кој ги повикува учесниците да се соберат во што поголем број, со цел да влезат во воената база која е предмет на бројни теории на заговор.

Сатиричниот настан кој е организиран преку Фејсбук и треба да се одржи на 20 септември, делува навистина смешно, со оглед на високото ниво на обезбедување на базата.

– Можеме да се движиме побрзо од нивните куршуми, ајде да ги видиме тие вонземјани – напишаа организаторите на Фејсбук.

Но, гласноговорничката на американското воено воздухопловство, Лора Мекендрјуз упати остро предупредување до оние што имаат намера да упаднат во базата.

– „Област 51“ служи за тестирање на американската авијација и апелираме до сите да се откажат од обидот за влез на просторот каде што вршиме обука. Американското воено воздухопловство секогаш е подготвено да ја заштити Америка и нејзините поседи – посочи Мекендрјуз.

Љубителите на теориите на заговор веруваат дека американската влада крие тајни информации за вонземјани и за Неидентификувани летечки објекти (НЛО) во „Област 51“, односно веруваат дека базата се користи за чување на заробени НЛО или останки од вонземјани. Но, американските власти категорично ги отфрлаат ваквите тврдења.

Точната примена на американската база изградена во 1955 година, не е позната, а таа е признаена како воена база во 2013 година. Објектот е обезбедуван од вооружена стража, како и од камери за надгледување на просторот.