Уникатно палеонтолошко откритие во близина на неготинско Долни Дисан

839
фото Методија Велевски

Фосилни остатоци од изумрен вид на слон се откриени во близина на неготинско Долни Дисан, што се оценува како уникатно палеонтолошко откритие, информираат од Националната установа Природонаучен музеј на Македонија и Министерството за култура на Република Македонија.

Палеонтолошки екипи од Природонаучниот музеј на Македонија и Природонаучниот музеј во Софија, од 20 април 2018 година започнаа со ископување на фосилни остатоци од изумрен вид на слон (Choerolophodon pantelici), чија старост прелиминарно се проценува на околу осум милиони години.

Фосилните остатоци беа откриени при заедничката теренска работа кај селото Долни Дисан во 2017 година. Досега откриените коски укажуваат дека се работи за зачуван значаен дел од скелетот на слонот.

фото Методија Велевски

Според мислењето на стручниот тим, се работи за наод со големо научно значење. Фосилни остатоци од овој вид на слон се најдени на повеќе локалитети во Македонија и ширум Евроазија, но комплетен скелет од ова животно досега не и е познат на науката. Ова го прави наодот уникатен во светски рамки, затоа што ќе одговори на повеќе прашања за изгледот и начинот на живот на овој предок на денешните слонови.

Стручен тим од Природонаучниот музеј на Македонија во деновите кои претстојат ќе ги колекционираат ископаните остатоци.

По својата старост (видот живеел пред 8 до 7 милиони години), овој вид слон е постар од мамутите (5 милиони – 4500 години). Населувал суви тревести живеалишта еквивалентни на денешните африкански савани. Живеел задно со предци на денешните жирафи, сабјести тигри, примати и други изумрени видови од периодот на миоцен.