Топлиот унгарски пречек на Груевски е достапен само за одбраните

1658

Најпознатиот азилант во  Унгарија, моментно, поранешниот македонски премиер, Никола Груевски, беше пречекан со отворени раце од владата на премиерот Виктор Орбан, но топлиот прием не е карактеристичен за сите баратели на азил во државата. Во врска со доделувањето на азил од страна на унгарската влада, имаше бројни реакции во тамошната јавност. Од унгарската влада пак, се огласија дека сите процедури околу азилот на Груевски се во согласност со меѓународното право и правила.

– Низ целиот свет, човековите права се одземаат во име на бесмислениот национализам. Пример за овој феномен е случајот со Унгарија, која прифаќа бегалци од Венецуела. Овие искази може да се чинат контрадикторни, но „отворените раце“ на Унгарија се селективни. Прифатени се само оние бегалци од Венецуела кои можат да потврдат дека имаат унгарско потекло, односно околу 350 луѓе, според Би-би-си и „Ројтерс“, пренесува „Модерн дипломаси“.

Исто така, нивното прифаќање е само тактика на унгарската влада за да ги исполни должностите за почитување на човековите права во согласност со меѓународните закони и барањата на Европската Унија, а истовремено и за да може да го спречи влезот на барателите на азил во Србија, на пример. Сето ова се случува под администрацијата на Орбан, кој ја водеше својата кампања за целосно спротивставување на миграцијата.

Така, прифаќањето на Венецуелци со унгарско потекло се легитимира преку исконски национализам, под тврдењето дека тие се Унгарци според крвно сродство.

Нивната асимилација во земјата, исто така, е олеснета од унгарската влада која обезбедува културни и јазични курсеви за бегалците (како и авионски билети, сместување и документи што им овозможуваат да најдат работа). Оваа помош не е достапна за муслиманските баратели на азил.

Барателите на азил од Авганистан, Сирија и другите такви земји се задржани во логорите за бегалци во Србија, кои некогаш биле засолништа за кучиња. Друг фактор за нехуман третман со кој се соочуваат барателите на азил е лишувањето од храна. Советот на Европа откри дека возрасните и децата многу ретко добиваат оброци.

Кога Унгарија одбива да ги прифати барателите на азил за да го „зачува“ унгарскиот идентитет, не само што не ја исполнува одговорноста да ги заштити бегалците и ги занемарува човековите права, туку се спротивставува и на сопствениот најдобар интерес.

Унгарија, како и многу други нации, бележи опаѓање на популацијата. Најразумното решение за ваков проблем би било прифаќање мигранти од земјите во развој кои бележат зголемена стапка на плодност, бидејќи тие ќе можат да се приклучат на растечкото продуктивно население во развиените земји и да помогнат во зајакнувањето на економскиот раст, здравството и воената сила.

Администрацијата на Орбан воведе политика за зголемување на популацијата со надеж дека бројот на населението ќе се зголеми без потреба од мигранти. Но политики од овој тип кои во минатото беа спроведени во други земји завршија со неуспех.