Судбината на тајната подморница ги врати сеќавањата на Чернобил и Курск

724

Ројтерс

Рускиот претседател Владимир Путин потврди за првпат дека тајната воена подморница, во која пред неколку дена изби пожар, била на нуклеарен погон, откако рускиот министер за одбрана го увери дека реакторот бил безбедно изолиран.

Руски владини претставници се соочија со обвинувања дека сакале да ги прикријат целосните детали од несреќата во која загинаа 14 лица. Подморницата била на мисија за истражување на морското дно во близина на Арктикот, според министерството за одбрана.

Бавното соопштување на информации за несреќата од страна на Москва потсети на чудниот начин како Советскиот Сојуз се справи со катастрофата во нуклеарната централа Чернобил во 1986 година, и на трагичниот инцидент на потонувањето на подморницата Курск во 2000 година, кога загинаа 118 лица.

Руските власти кои велат дека деталите за последниот инцидент се строго доверливи, официјално соопштија дека во понеделникот избил пожар во подморницата, иако ова беше објавено дури доцна вечерта, во вторникот. До денес немаше никакво официјално соопштение дали подморницата имала нуклеарен реактор, и покрај зголемениот интерес на властите во соседна Норвешка.

Рускиот претседател Владимир Путин, на состанокот со министерот за одбрана Сергеј Шојгу во Кремљ, откри дека подморницата била нуклеарна откако го прашал Шојгу за состојбата на реакторот по смртоносниот пожар.

Според извештајот на Кремљ, Шојгу му рекол на Путин дека „нуклеарниот реактор на подморницата бил целосно изолиран, а екипажот ги презел сите потребни мерки за негова заштита и истиот е во функција“.  Шојгу соопшти дека пожарот во подморницата избил во делот кај моторот. Иако Кремљ објави информација за состанокот помеѓу Путин и Шојгу утрово, сепак, не беше веднаш јасно кога точно двајцата се сретнале.

– Русија не достави никаква официјална комуникација до нас за овој проблем. Знаеме дека состојбата брзо ја ставиле под контрола, во тешки услови, како и дека немало нуклеарен инцидент за кој имаат обврска да нè информираат. Сепак, подобро ќе беше да бевме информирани за ваквите случувања – изјави Пер Странд, директорот на норвешката управа за радијација и нуклеарна безбедност, на прашањето на „Ројтерс“ дали биле информирани дека подморницата била на нуклеарен погон.

Тајна подморница

Шојгу, кој му е близок сојузник на Путин, му соопштил на рускиот лидер дека тајната подморница, за која властите соопштија дека се движела во Баренцовото Море, ќе биде целосно поправена. Шојгу порачал дека „во овој случај тоа е задолжително“, како и дека „се прават процени околу времетраењето на процесот, обемот на работата и како тоа да се изведе“.

Руските медиуми претходно, неофицијално, пренесоа дека подморницата имала капацитет да извршува специјални операции на длабочина каде што обичните подморници не можат да се спуштат. Изградена од повеќе меѓусебно поврзани сфери, кои се поцврсти од обичната конструкција за подморници, со способност да го издржи притисокот на голема длабочина, западните воени експерти сметаат дека таа може да ги сондира, па дури и да ги пресече подводните кабли.

Шојгу му соопштил на Путин дека државата целосно ќе се погрижи за семејствата на загинатите морнари, а рускиот лидер и воедно врховен командант на вооружените сили, му наредил да се изготват предлози за постхумно доделување на државни одликувања.

Во тек е официјалната истрага за несреќата, која најверојатно ќе се одвива во тајност. Дневниот весник „Комерсант“, повикувајќи се на извори упатени во настанот, пренесе дека смртоносниот пожар најверојатно избил поради краток спој во електричното коло.

Подготвила: Билјана Здравковска