Страдањата на постојаниот заложник на туѓите војни

427
Ирак уште се опоравува од борбите против Исламска држава

Кога американскиот државен секретар Мајк Помпео се сретна со претставниците од ирачкиот државен врв, минатата недела, тој им упати јасна порака, велејќи „или сте со нас, или тргнете се настрана“, при разговорите поврзани со напнатата состојба помеѓу САД и Иран. Пораката ја илустрира деликатна положба на Ирак во ситуацијата во која неговата влада има одредени врски со двете спротиставени страни, објавува „Асошиејтед прес“.

Како што тензиите растат, се зголемуваат стравувањата оти Багдад би можел да биде „фатен во средина“ во уште еден конфликт, во време кога Ирак се обидува да се опорави од последиците од војната. Во азиската држава се наоѓаат повеќе од пет илјади американски војници, како и моќни милиции поддржувани од Иран. 

Ирак би можел да биде боиште во уште една „војна преку посредници“ (се води помеѓу две страни поради интересите, или со поддршка на трета страна, која не е директно вклучена во конфликтот – н.з.), што не е новост за оваа држава. Земјата со шиитско мнозинство се наоѓа помеѓу шиитскиот Иран и арапскиот свет во кој преовладува сунитското население, со што претставува бојно поле за иранско-саудиското ривалство за превласт во регионот. 

За време на осумгодишното воено присуство на САД во Ирак помеѓу 2003 и 2011 година, американските трупи имаа судири со милициите поддржани од Иран. Американските сили се вратија во Ирак на покана на тамошните власти за да се борат против Исламската држава во 2014 година. Сега, наспроти конфликтот помеѓу САД и Иран, Ирак повторно би можел да биде фатен во средина на нова пресметка.

– На ирачкиот народ му е смачено од војна. Не сакаме Ирак да биде арена за иранско-американската војна – вели еден жител на Багдад, кој како и повеќето Ирачани е загрижен дека државата би можела да биде втурната во уште една војна.