Стабилноста која ја носи НАТО им дава доверба на инвеститорите

94

Република Македонија е мала и отворена економија, ризици постојат, но иако ММФ ја намали проекцијата за економски раст за најголем број земји, нашата напротив е зголемена и ова ја валоризира усешната економска и фискална политика на Владата, изјави за МИА министерот за финансии Драган Тевдовски.

Делегација предводена од Тевдовски и гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска,  го заврши повеќедневниот престој на Пролетните средби на групацијата на Светска Банка и ММФ во Вашингтон.

-Имаме добар почеток на годината. Индустријата забележа раст од скоро 10 отсто. Извозот порасна за 6,8 отсто. Расте кредитната активност – како кај домаќинствата, така и кај фирмите. Наплатата на приходи во буџетот е во рамки на проекциите. Стабилноста која ја носи НАТО им дава доверба на инвеститорите, а ефектот допрва ќе се мултиплицира- истакна Тевдовски.

Според него, очекувањата се дека годинава ќе се реализира проекцијатата од 3,2 отсто раст, додека на среден рок растот ќе забрза. За следната година Владата има проектирано четири отсто раст за која министерот тврди дека е остварлива, па може и да се натфрли.

Во однос на кредитната транша од 420 милиони долари за нашата земја што Светска банка се подготвува да ја одобри, изјави дека ќе се реализираат повеќе проекти.

Министерот укажа дека тоа е четиригодишна стратегија која опфаќа проекти кои се фокусираат на три области: подобрување на околината за конкурентен приватен сектор, зголемување на вештините и можностите кај најранливите, како и одржлив раст.

-Овде спаѓаат и некои инфраструктурни проекти кои ги најавивме и веќе имаме започнато постапка. Тука е проектот за олеснување на трговија и транспорт на Западен Балкан, за кој законот е веќе подготвен и е во собраниска процедура. Исто така, тука е изградбата и рехабилитација на локални патишта од 70 милиони евра- укажа Тевдовски.

Во оваа рамка, додаде, има и повеќе проекти кои се однесуваат на развој на човечкиот капитал, модернизација на примарното образование и пензискиот систем, но и здравството.

-Имаме амбициозна агенда за соработка, која е остварлива. Задоволен сум што на средбите беше искажана поддршка од страна на Светска банка за реформскиот процес кој се одвива во Северна Македонија- рече Тевдовски.

Други договорени проекти за време на Пролетните средби вклучуваат проекти со Меѓународната финансиска институција (ИФЦ) и Европската инвестициска банка (ЕИБ).

–  Се издвојуват проектот со ИФЦ со кој ќе вмрежуваат домашните компании со странските инвестиции во ТИРЗ. Тие дадоа согласност дека ќе го поддршат овој проект. Придобивките за нашите компании се огромни: добиваат работа, можност за пласман на нови пазари, know-how- изјави Тевдовски.

Со ЕИБ се договорени инфраструктурни проекти за гасовод меѓу Северна Македонија и Грција и Пречистителна станица Скопје.

-Ова се крупни проекти за кои имаме поддршка од банката. Исто така, следната недела ЕИБ ќе префрли 15 милиони евра – прва транша од вкупно една милијарда евра, за евтини кредити за малите и средни претприја. Со нив ќе се финансираат 39 проекти, што значи нови инвестиции и нови работни места- укажа министерот.

Тој заклучи дека Пролетните средби поминале успешно за македонската делегација и остварени се голем број на состаноци со високи претставници на ММФ, Светска банка, ЕИБ, ИФЦ. Договораните проекти ќе се реализираат во наредниот период.

Во однос на проекцијата за забавување на економскиот раст на глобалната економија, Тевдовски рече дека тоа било очекувано, ако се земат предвид неизвесноста и ризиците од трговските војни и Брегзит.