Справувањето со лажните вести заедничко за Македонија и Русија

527
Претставниците на руското Министерство за надворешни работи ја нагласија важноста од интеракцијата со меѓународната публика/Фото: Нова генерација 2019

Водечките руски медиуми и Министерството за надворешни работи на Руската Федерација ги отворија своите врати и беа домаќини на новинари од осум држави во рамките на програмата „Нова генерација 2019“ во која учествуваше и „Нова Македонија“, со цел подобро да ги запознаат со нивниот начин на работа и со справувањето со лажните вести, прашање кое е актуелно и во Македонија поради зголемениот наплив на дезинформации по обелоденувањето на аферата „Рекет“.

Руските медиуми и државни институции честопати се цел на разни обвинувања од Западот, а посетата придонесе за создавање на појасна слика за нивните активности, во времето на предизвици кои ги носи справувањето со лажните вести, односно со необјективното информирање во полза на стекнување влијание.

Вработените забрзано доаѓаат на работа, влегувајќи во импресивните простории на телевизијата Раша тудеј додека чекаме да почне нашата обиколка. По поминувањето на задолжителната безбедносна контрола на влезот, љубезните домаќини не` пречекаа со насмевка, посакувајќи ни добредојде. Предавањето за меѓународните телевизиски мрежи со внимание го следеа сите присутни, а домаќините се потрудија да одговорат на сите прашања, пред да ни ги покажат просториите во кои се создава програмата за осумте телевизиски канали на РТ. Слична беше ситуацијата и во текот на посетата на порталот „Раша бијонд“ каде што стручните предавачи од повеќе области (водечки уредници, продуценти и новинари) одржаа интересна панел-дискусија за создавањето на содржина за модерните онлајн-публикации. Професионалноста, стручноста и отвореноста беа заеднички карактеристики на сите колеги со кои се сретнавме, а забележлива беше и потполната тишина во која се работи, што е помалку невообичаено за денешните медиуми. Ниту едно прашање не остана без одговор, а работните искуства беа разменети во дискусија одржана во пријателска атмосфера.

Стручните предавачи во „Раша бијонд“ одржаа интересна панел-дискусија за создавањето на содржина за модерните онлаjн-публикации

Ваквото искуство пружи увид во работата на руските медиуми финансирани од државата, кои две недели претходно беа цел на напади од страна на Велика Британија, чие Министерство за надворешни работи го забрани учеството на руските Раша тудеј и Спутник на конференција за медиумска слобода одржана во Лондон, минатиот месец, поради како што беше истакнато, нивната „активна улога во
ширењето дезинформации“. Во пресрет на конференцијата, Велика Британија најави инвестирање на 18 милиони фунти во фонд посветен на борбата против лажните вести, чија цел е спречување на наводното руско мешање во Европа, односно на ширењето на дезинформациите во Источна Европа и пружањето поддршка на независните медиуми на Западен Балкан.

Учесниците на програмата „Нова Генерација 2019“ имаа можност да ги разгледаат просториите на Раша тудеј

При посетата на Министерството за надворешни работи на Русија, се разговараше за практичните аспекти од работата во модерниот медиумски простор. Претставниците на одделот за информирање и печат ја нагласија важноста од интеракцијата со меѓународната публика, посочувајќи дека во Русија се регистрирани 300 странски медиуми и работат околу 900 странски новинари. Меѓу споменатите теми беше истакната и т.н. „дигитална дипломатија“ во која спаѓаат создавањето содржини за сајтот на министерството, како и одржувањето на социјалните мрежи. Беше посочена и важната улога на справувањето со лажните вести. Сите присутни имаа прилика да ги разгледаат просториите каде што се држат прес-конференциите посветени на важните прашања од глобалната политика, благодарение на љубезните домаќини.

– Русија постојано е цел на разни напади, но ние не се жалиме. Странските новинари
можат слободно да работат кај нас. Не постои информациска војна, ниту каков било друг облик на војување. Русија како една од земјите-основачи на Обединетите нации се придржува до меѓународното право и владеењето на законот, почитувајќи ја внатрешната политика на сите држави – истакна заменик-портпаролот на Министерството за надворешни работи, Артјом Кожин, во изјава за „Нова Македонија“.

За време на неодамнешната посета на Москва, „Нова Македонија“ имаше прилика заедно со новинарите од Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Бугарија, Чешка и од Шри Ланка да стекне вредно искуство, како и да добие одреден увид во работата на руските медиуми, во време на предизвици за создавање на точни, објективни и квалитетни вести, кои претставуваат најдобра потврда на репутацијата на еден медиум. Активностите во текот на четиридневната посета на главниот руски град, беа организирани од страна на државната агенција „Росатрудничество“.