Соборувањето на диктаторот не е крај на суданскиот кошмар

216

Останатиот дел од светот сега мора да ја удвои поддршката за народното движење кое сè бори за слобода

Блумберг
Колумна на Илај Лејк

Соборувањето од власт на суданскиот претседател Омар ал Башир би требало да претставува момент за славје – еден од најголемите злосторници во светот e oтстранет од функцијата по граѓанските протести. Според идеалното сценарио, по неколкунеделниот куќен притвор и по сослушувањата на семејствата на жртвите што ги мачел и убивал, тој би требало да биде изведен пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг (МКС).

За жал ова нема да се случи. Ал Башир не беше соборен од власта од страна на народот што сака демократска транзиција, туку од неговите приврзаници кои сметаа дека тој стана преголема пречка. Откако беше соопштено дека диктаторот е во притвор, министерот за одбрана Ахмед Аван Ибн Ауф воведе полициски час во државата, го суспендираше уставот, ја распушти владата и најави дека ќе следи двегодишна воена власт.

САД и нивните сојузници можат и треба да реагираат на ваквото преземање на власта. Но пред да се дојде до овој чекор, треба да се ужива во крајот на владеењето на Башир. Очигледно е дека станува збор за воен злосторник. Во 2009 и 2010 година, МКС издаде налог за апсење поради неговата вмешаност во организираната брутална офанзива врз сопствениот народ во Дарфур, во првата деценија од 21-от век.

Случајот на обвинителот е полн со ужасни злосторства. Масакри како од Средниот век. Илјадници жени од малцинските племиња Фур, Масалит и Загава биле систематски силувани. Бунарите и пумпите за вода во овие села биле намерно затруени. Племињата во сојуз со владата добиле наредба таму да се преселат, откако локалните жители биле протерани и убиени.

Дарфур е само едно од многуте злосторства на Ал Башир. Тој исто така водеше граѓанска војна против анимистичкото и христијанското население сè додека не се согласија да склучат мировен договор со кој беше формиран Јужен Судан во 2011 година. Во 2002 година бев во посета на Картум за време на војната меѓу северот и југот и самиот ги видов последиците од бомбардирањето. Во еден особено грозоморен чин, суданските импровизирани воздухопловни сили ги следеле авионите на ОН и потоа ги бомбардирале селаните кои излегле да ја земат храната испратена од хуманитарните работници.

Овој инцидент се случи во октомври 2001 година, кога владата на Ал Башир им понуди разузнавачки материјал на САД за Ал каеда по терористичките напади од 11 септември. Во 2000 година започна делумна разузнавачка соработка со САД, кога ЦИА испрати тим во Картум за да дознае повеќе за тамошните операции на Осама бин Ладен.

Ова го покажува опортунизмот кој е само уште еден елемент од наследството на Ал Башир. Дојде на власт како дел од исламистички поттикнатиот државен удар во 1989 година. Откако ја презеде власта, Ал Башир наметна политика за спроведување на шеријатскиот закон во целата држава, кампања која вклучуваше заплашување и улични насилства против христијанското малцинство. Тој исто така ја понуди својата држава како засолниште на радикалците. Но, сепак, постепено го промени курсот. Во 1999 година уапси моќен исламистички политичар и ривал, и потоа ги започна контактите со Америка.

Низ годините, Ал Башир прифати покровителство од речиси сите континенти. Им дозволи на Кинезите да изградат гасоводи во Судан во 90-тите години. Во минатото склучи сојуз со Иран, како и со Саудиска Арабија и со Катар. Главниот сојуз на Ал Башир беше самиот со себе за да остане на власт.

Сега, војската на која тој силно се потпираше за да ги тиранизира неговите многубројни противници, го принуди да се пензионира. Ова е добар, но недоволен почеток. Џон Прендергаст, коосновачот на невладината организација „Сентри“ која го следи имотот на воените криминалци, порача дека „воениот пуч во Картум не менува ништо, а проблемот останува ист. Ал Башир мораше да се повлече за да се намали притисокот и навидум да се случи промена“.

Важно е државниот удар да не се смета за крај на суданскиот кошмар, туку за почеток на крајот. Следниот чекор треба да биде јасна политика за САД и нивните западни сојузници подиректно да се усогласат со народното движење што го отстрани од власта. Раните знаци надвор од Стејт депарментот се ветувачки. САД вчера соопштија дека ќе го суспендираат дијалогот со режимот и порачаа брза транзиција за граѓанското владеење.

Прендергаст препорачува нова кампања за да се откријат и замрзнат странските сметки на режимските лидери. Постојат и други чекори што Западот може да ги преземе за да помогне и да ја заштити суданската опозиција, како што е отворањето на правни случаи против другите режимски лидери и нудење на шифрирана комуникациска технологија против за одбрана од организаторите.

Сепак, најважниот чекор е да се одолее на предизвикот да се воведе воен режим кој го симна Башир од власта. Судан треба да остане изолиран додека не се ослободи.

Подготвила: Билјана Здравковска