Сведоштва за трагедијата на Халкидики: Не можевме да ги спасиме сите

4869

Пустош од библиски размери остави смртоносното невреме што синоќа го погоди грчкиот попуостров Халкидики, пишува „Та неа“, пренесувајќи ги шокантните сведоштва за големата трагедија. По разденувањето, локалните жители можеа да забележат глетка на потполно уништување, со превртени автомобили, искорнати дрвја и уништени домови.

Првиот човек на агенцијата за планирање и заштита од земјотреси, Ефтимиос Лекас, посочува дека невремето траело десет минути.

– Во претходните неколку денови имавме топлотен бран, во пресрет на метеоролошкиот феномен што се случи. Тоа е феномен што се случува ненадејно, со голема сила и интензитет на ветерот – објаснува Лекас. 

Во невремето загинаа шест лица, меѓу кои се Романка и нејзиниот осумгодишен син врз кои се срушил покрив во таверна во местото Неа Плагија, двајца чешки туристи во Созополи, како и Русин и неговиот двегодишен син врз кои паднало дрво пред хотел во Неа Потидеа. Околу стотина луѓе се повредени, а уште се трага по исчезнатите.

– Не разбиравме што се случува. Трчавме, собравме колку што можевме повеќе луѓе, не повеќе од десетмина повредени. Внатре имаше околу 100 луѓе. Не можевме да ја извлечеме жената, не можевме да ја земеме со нас – вели човек што бил во таверната, каде што загинаа Романката и нејзиниот син.

Надлежните грчки служби се на терен, помагајќи им на настраданите и проценувајќи ја нанесената штета.