Русија бара итен прекин на огнот во Нагорно-Карабах

169

Руското Министерство за надворешни работи ги повика инволвираните во конфликтот во Нагорно-Карабах веднаш да престанат со огнот и да започнат преговори за стабилизирање на ситуацијата.

Министерството преку соопштение посочи дека состојбата во тој регион нагло се влошила, пренесува агенцијата „Тасс“.

Утрово дојде до нова ескалација во регионот Нагорно-Карабах.

Ерменија објави дека Азербејџан започнал офанзива во правец на Нагорно-Карабах, додека од Баку соопштија дека преземаат само реципрочни мерки против ерменските дејствија во областа.

Министерството за одбрана на Ерменија објави дека ерменските сили собориле два азербејџански хеликоптера и три беспилотни летала во Нагорно-Карабах.

Министерството за одбрана на Азербејџан, пак, претходно објави дека ерменските сили отвориле оган долж линијата на раздвојување и дека имало цивилни жртви.

Светските агенции веќе пренесоа дека вастите во регионот Нагорно-Карабах вовеле воено законодавство поради ескалацијата на конфликтот со Азербејџан.

– Почнавме да ги мобилизираме сите граѓани на возраст над 18 години. Во земјата е прогласена воена состојба – соопштил претседателот на непризнатата република, Арајик Арутјунјан.