Ризичната стратегија на Индија засекогаш ќе го смени Кашмир

256

Индиската влада ја поздрави одлуката за укинување на специјалниот автономен статус на регионите Џаму и Кашмир по седум децении, означувајќи го како исправање на „историската грешка“. 

Индија на почетокот на месецов испрати десетици илјади дополнителни трупи во регионот, ги затвори училиштата и факултетите, на туристите им нареди да заминат, додека Интернет и телефонската комуникација беше прекината, со што превирањата во Кашмир беа извесни.

Се појавија шпекулации за укинување на членот 35А од уставот, кој им овозможува одредени привилегии на луѓето од регионот, но индиската влада ги изненади сите кога го укина членот 370 од кој 35А е дел. Членот 370 претставуваше основа за комплексниот однос помеѓу Индија и Пакистан околу Кашмир во последните седум децении. Членот 370 даваше одреден степен на автономија на регионот – сопствен устав, знаме и слободата за носење закони. 

Премиерот Нарендра Моди и неговата партија долго време се противеа на членот, чие повлекување го вклучија и во партискиот манифест за изборите одржани годинава. Тие тврдеа дека мора да биде повлечен за Кашмир да се интегрира заедно со останатиот дел од Индија. Противниците на ваквата идеја сметаат дека потегот претставува диверзија за одвелукување на вниманието од забавувањето на индиската економија.

Промените значат дека Кашмир веќе нема да има посебен устав, индиските закони ќе стапат на сила во регионот, а луѓе надвор од Кашмир ќе можат да купуваат имот таму. Индиската влада има намера и да го раздели регионот на помали федерални единици.

Според законот измените на членот 370 се можни само со согласност на локалните власти, но Џаму и Кашмир немаат локални власти во изминатата година.