Разговорите со Путин и со Бин Салман не се достапни за секого

283

Белата куќа го ограничи пристапот до записите од телефонските разговори кои американскиот претседател ги имаше со лидерите на Русија и на Саудиска Арабија, со што понуди листа на цели за истражителите на Конгресот кои ја водат истрагата за импичмент на Доналд Трамп, пишува „Фајненшл тајмс“.

„Њујорк тајмс“ и Си-ен-ен известија дека официјални лица од Белата куќа го ограничиле пристапот до телефонските разговори со рускиот претседател Владимир Путин и со членовите на кралското семејство на Саудиска Арабија, вклучувајќи го и принцот Мохамед бин Салман.

Овие обвинувања доаѓаат еден ден по откривањето на извештајот на свиркачот во кои службеникот на ЦИА вели дека Белата куќа „го заклучила“ записот од телефонскиот разговор помеѓу Трамп и украинскиот претседател Владимир Зеленски, во кој американскиот претседател се обиде да го убеди неговиот колега да спроведе истрага за синот на поранешниот американски потпретседател Џо Бајден.

Белата куќа не даде коментар за ситуацијата. Откритијата дојдоа три дена откако претседавачката со Претставничкиот дом на Конгресот, Ненси Пелоси, покрена процедура за импичмент на Доналд Трамп, поставувајќи ја сцената за битка на Капитол Хил додека демократите и републиканците се подготвуваат за претседателската трка во 2020 година.

Висок функционер од Белата куќа потврди дека записот од разговорот помеѓу Трамп и Зеленски е зачуван во специјален класифициран систем. Си-ен-ен објави дека не е јасно дали разговорите со Путин и со бин Салман се зачувани во истиот систем, додека „Њујорк тајмс“ извести дека тие се во истиот систем во кој се чуваат деталите од разговорот со Зеленски.