Порше се откажува од дизел моторите во своите возила

439

Како прв германски производител на автомобили, Порше се откажува од производството на дизел мотори, соопштено е во Штутгарт.

– За Порше, кој е познат како производител на спортски автомобили, моторите на дизел погон секогаш играа споредна улога и затоа решивме во иднина повеќе да не произведуваме автомобили со таков погон – соопштено е вчера од управата на Порше.

Компанијата која работи во составот на концернот Фолксваген, најави дека во иднина ќе се фокусира на сегментот што е специјалност на Порше.

– Станува збор за емоционални, моќни бензински мотори, хибриди, а од следната година и електрични автомобили – рече за весникот Билд ам Сонтаг претседателот на управата на Порше Оливер Блум.

Тој појасни дека Порше никогаш не развивал дизел мотори, но и покрај тоа претрпел штета заради кризата со дизел моторите настаната по скандалот со тестовите околу издувните гасови.

Порше одлуката за откажување од дизел погонот ја објави во ист ден кога е најавен таканаречениот дизел самит во кабинетот на германската канцеларка Ангела Меркел, на кој политичари и претставници на автомобилските компании би требало да одлучат како да спречат забрани за сообраќај на дизел возилата во германските градови.