Политиката им се намерачи на супербогатите

266

Економист

Жестоките критики кон супербогатите нанесуваат поголема штета отколку корист

Сè популарно станува вербално да се напаѓаат милијардерите, особено кога меѓу нив е американскиот претседател. Елизабет Ворен сака да им наметне годишен данок од шест отсто. Берни Сандерс вели дека тие „не треба да постојат“. Левичарите обично велат дека „ниеден милијардер не успеал во политиката“. Дури и на британските избори, супербогатите се на цел на критики. Џереми Корбин, лидерот на Лабуристичката партија, вели дека во едно фер-општество не треба да има милијардери. На 31 октомври тој вети дека „ќе ги гони“ британските плутократи, посочувајчи петмина и се жалеше за „корумпираниот систем“.

Не е ништо ново тоа што левичарите се против нееднаквоста. Но понова и сериозна е идејата дека личното богатство се стекнува само кога власта греши. Исто така, ваквата идеја е погрешна. Личното богатство не може да се смета за веродостоен сигнал за грешките или за неуспешните политики. Но честопати спротивното е точно.
Убедувањата на левичарите не се во целост базирани на вистината. Кога постои безмилосна и фер конкуренција, тешко се одржуваат постојано високите профити. Сепак, од двете страни на Атлантикот многу компании прават огромни профити во концентрирани пазари. Некои милијардери напредуваа онаму каде што не успеа конкуренцијата. „Фејсбук“ и „Гугл“ доминираат во онлајн-маркетингот. Ворен Бафет сака фирми кои имаат „значителна предност“ во однос на другите и воедно си ги заштитуваат пазарниот удел и профитабилноста. Во меѓувреме, американскиот политички систем е полн со лобисти кои навиваат за функционерите. Околу една петтина од американските милијардери се збогатија од индустриите во кои честа појава е клиентелската политика или неефикасниот пазар.

Меѓутоа многу други дејствуваат во конкурентски пазари. Трговијата на мало во сопственост на Мајк Ешли, еден од оние што се цел на Корбин, е позната по ниските цени и безмилосната конкуренција (како и сомнителните работни услови), но не и за манипулирање со економските и политичките услови. Зад секој Марк Закерберг, сопственикот на Фејсбук, постојат неколку технолошки претприемачи со многу ривали. Сетете се на Ентони Вуд кој го креираше Року, платформата за споделување видео-снимки или на Тим Свини, коосновачот на фирмата што стои зад видео-играта „Фортнајт“. Никој не може сериозно да ги обвини овие иноватори дека ги контролирале пазарите или дека зависеле од владини услуги. Истото важи и за спортистите како Мајкл Џордан или музичарите како Џеј Зи кои се милијардери. Дури и офшор приватните ограничени партнерства се соочуваат со силна конкуренција за инвеститорските фондови па затоа повеќето не успеваат.

Кога капитализмот добро функционира, конкуренцијата можеби постепено им ги намалува профитите на некои ентитети, но истовремено создава други шанси за претприемачите кои сакаат да ги преземат пазарите од заспаните компании. Нивниот успех постепено ќе отвори нов циклус на промени, но во меѓувреме тие ќе генерираат огромен профит. Основачите на социјалниот медиум „Мајспејс“ се збогатија кога го продадоа на „Њуз корп“ кој потоа беше преземен од „Фејсбук“. Видеотеката „Блокбастер“ му донесе милијарди на Вејн Хуизенга, а потоа се појави „Нетфликс“. Ваквиот процес дава големи можности за едно општество. Според процените на економистот Вилијам Нордхаус, меѓу 1948 и 2001 година иноваторите добиле само два отсто од вредноста на профитот. Можеби токму поради ова се толерираат милијардерите, дури од страна на државите со беспрекорни социодемократски вредности, така што Шведска и Норвешка имаат повеќе милијардери по човек од Америка.

Треба да се воведат прогресивни даноци, но тоа не ја оправдува бесконечната редистрибуција или казнените такси. Ворен предложи данок за богатите кој веќе еднаш се удвои за време на нејзината кампања. Томас Пикети, економистот кој стои зад често цитираните статистики за нееднаквост, сака данок за богатите, од дури 90 отсто за најбогатите милијардери. Ваквите експропријации дефинитивно би ги заладиле иницијативите за иновации и ефикасната распределба на капиталот. Економија со помалку претприемачи може да има помалку милијардери, но би била помалку динамична и сите би губеле.

Богатството може да предизвика загриженост кога ги вкоренува или ги штити подривачките сили. Секаде каде што би се јавиле пропусти, владите треба директно да ги спречат. Што и да вели Корбин, Велика Британија тешко може да се смета за корумпирана според светските стандарди, бидејќи, на пример, поткупот е ретка појава. Но таму има проблем со наследеното богатство кое претставува една петтина од богатството на милијардерите. Повисоките даноци за наследство би биле прифатливи таму и во Америка, каде што е прелесно да се пренесе богатството меѓу генерациите.

Поширок план за напад врз приходите додека се одржува динамиката би ја ослабело прекумерната заштита на интелектуалниот труд и авторските права, процедура што честопати трае долго. (Од продажбата на „Лукас филмс“, која траеше преку триесет години од првиот филм за „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лулас не требаше да заработи четири милијарди). Тоа би ги нарушило законите против монополите за да ја воведе конкуренцијата во старите и новите индустрии. Уште поважно е што со ова би се подобриле законите за финансирање на политички кампањи во Америка и на тој начин би се ослободиле политичките системи од корпоративна контрола на државно и федерално ниво.

Со остварувањето на сите овие мерки би се постигнало повеќе од само критикување на богатите, и тоа без да се нанесе штета. Во секој случај треба да се поправат политичките неуспеси, но милијардерите честопати се погрешната цел.

Превод: Билјана Здравковска