Поднесено обвинение за „Рекет“, Јанева прибавила 50 илјади евра и мебел

521
Фото: Дарко Андоновски

Обвинителството поднесе обвинение против Бојан Јовановски, поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева и Зоран Милевски – Кичеец, обвинети во случајот „Рекет“.

Од Обвинителството информираат дека две од обвинетите лица се товарат за примање награда за противзаконито влијание, а првообвинетиот Јовановски и за перење пари и други приноси. Јанева, како второосомничена се товари дека сторила кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.

Обвинителството соопшти дека Јовановски искористувајќи ги претходно воспоставените пријателски односи влијаел врз Јанева, при спроведувањето на истражна постапка во предметот „Империја“, да ја олесни положбата на сведокот Орце Камчев кој во предметот е еден од осомничените и на кого по предлог на јавниот обвинител му било определена мерка притвор.

Третообвинетиот, велат од Обвинителството, битно придонел за извршувањето на кривичното дело со договарање на континуирани средби на првообвинетиот со сопругата на сведокот, а подоцна и со сведокот, притоа уверувајќи ги во неговото влијание врз јавниот обвинител.

Јанева, го прифатила влијанието на Јовановски и како службено лице – јавен обвинител, ја искористила својата службена положба и овластување и ги пречекорила границите на своето овластување.

– Откако двајцата ги добиле договорените 500.000 евра од сопругата на сведокот и покрај тоа што постоеле неизменети околности врз кои била определена и продолжена мерката притвор, второобвинетата до Апелациониот суд – Скопје доставила предлог за определување на поблага мерка – куќен притвор, кој предлог бил прифатен од страна на судот. Воедно, согласно договорот, по исплатата на првите 1.000.000 евра, второобвинетата доставила писмена согласност до судот одземената патна исправа привремено да му биде вратена на сведокот – соопшти Обвинителството.

Со преземените службени дејствија, Јанева ја искористила и ја пречекорила својата службена положба и овластување и за себе прибавила имотна корист во значителен износ и тоа во предмети – мебел во износ од 296.040,00 денари и пари во износ од 50.000 евра, а за противзаконито влијание другите двајца обвинети примиле награда од 1.500.000 евра.

– Првообвинетиот иако невработен, со блокирани трансакциски сметки и без приход, на почетокот на оваа година купувал за себе луксузен мебел, облека и обувки и престојувал во луксузни летувалишта – ресорти надвор од нашата земја што упатува дека ги пуштил во оптек паричните средства што ги прибавил со кривичното дело – примање награда за противзаконито влијание – тврдат од Обвинителството.

Ценејќи дека се исполнети условите предвидени во Законот за кривична постапка, со Обвинителниот акт, до Основниот кривичен суд – Скопје е доставен и Предлог за продолжување на изречените мерки за обвинетите.