Остра реакција на Мијалков: Ова не е фер, ако не, осудете нè и готово

1473

Обвинетиот поранешен директор на УБК Сашо Мијалков на денешното рочиште за случајот „Таргет-Тврдина” остро реагираше на одговорите на сведокот, велејќи дека е контрадикторен и во однос на исказите од претходните рочишта, како и дека не одговара на прашањата, туку „раскажува приказни”.

Тензијата настана откако судот и обвинителството приговараа на начинот на кој Мијалков го испрашува сведокот Сашо Трајковски.

– Ова што се случува во судницата не е фер. Кажете, ако не, да не се браниме, донесете пресуда и готово – им се обрати Мијалков на судиите од Судечкиот совет.

По неколкуте одбиени прашања, Мијалков од страна на Судечкиот совет беше советуван да ги преформулира истите за да бидат дозволени.

Според обвининието од СЈО, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Сашо Мијалков и Горан Грујовски, заедно со Гордана Јанкулоска и Никола Бошкоски се товарат и за уништување на системот за прислушкување на МВР и интермедијациските уреди на операторите во вредност од 1.418.879 евра, а Валентина Симоновска за фалсификување службен документ.