Одложувањето на преговорите го доведува во прашање кредибилитетот на ЕУ

694

Македонија уште има најдобри изгледи да добие датум за преговори со ЕУ, и покрај одложувањето предизвикано од поделените мислења помеѓу земјите-членки, пренесуваат странските медиуми.

На вчерашниот состанок на шефовите на дипломатиите во ЕУ, во полза на датумот за преговори се изјасниле 13 држави, меѓу кои се Италија и Полска, кои сметаат дека кредибилитетот на ЕУ е доведен во прашање откако Македонија постигна спогодба со Грција за ставање крај на спорот за името, со што го отвори патот кон ЕУ и кон НАТО.

– Датумот за преговори е во интерес на ЕУ доколку сакаме да го задржиме нашето влијание… Ако сакаме да покажеме дека сме глобален играч, ако сакаме да покажеме дека сме сериозни за проширувањето – изјавил министерот за надворешни работи на Словачка Мирослав Лајчак.

Но, дипломатите на состанокот не успеале да постигнат едногласност за одобрување на преговорите. Германскиот парлемент ја одложил можноста за одлука до септември, а холандскиот е против почнување на преговори со Албанија. Франција исто така покажала колебливост, повикувајќи на решавање на интерните прашања на ЕУ. Кипар исто така, се заканил со вето на постигнување на договор, поради турското бушење за нафта во неговите територијални води.