Кој и да се ожени со нашата мајка, ќе ни биде татко

1257

Страдањето од двете страни на сирискиот фронт

Шпанскиот весник „Ел паис“ известува за страдањето од двете страни на турско-сириската граница и за влијанието на новонастанатите сојузништва кои директно ја менуваат рамнотежата на моќта на Средниот Исток, по повлекувањето на американската војска од северот на Сирија.

Новинарите на „Ел паис“ ги посетија сирискиот град Камишли, населен со Курди, Арапи, муслимани и со христијани, кои страдаат во бомбардирањето од турските сили, соочувајќи се ризиците од пактот со Дамаск, исто како и турскиот град Чејланпинар, чии жители избегаа, растревожени од конфликтот во соседството.

– Курдите нѐ штитеа од Исламска држава. Режимот може да нѐ штити од Турците. Сѐ што сакаме се безбедност и леб – категорична е Анахида Бедрус, учителка од ерменско потекло, од Камишли.

Таа се обиде да го објасни новото сојузништво помеѓу курдските и силите на сирискиот претседател Башар ал Асад, кои сега соработуваат, наизменично држејќи ги контролните пунктови во градот.

– Кој и да се ожени со нашата мајка, ќе ни биде татко – сликовито објаснува Бедрус, чија куќа беше срамнета од турското гранатирање, во кое настрада и нејзината сосетка.

Од другата страна на границата, паркот во турскиот Чејланпинар нуди чудна перспектива за војната. Клупите се варосани, тревниците се зелени и плочниците се чисти. Но местото е напуштено. Нема ниту мажи, ниту жени и деца во текот на пријатното попладне при температура од 25 Целзиусови степени. Во далечина се слушаат звуци од гранатирање и од пукотници. Борбите се водат на оддалеченост од околу еден километар од другата страна на границата. Повеќето од 87-те илјади жители на Чејланпинар затоа избегаа во околните градови. Во градот Акчакале, кој ја искуси истата судбина како Чејланпинар, има силно воено присуство.

– Минатиот петок беше тежок за Акчакале. Градот беше погоден од седум проектили. Фала му на бога, пет од нив не експлодираа. Но другите два убија двајца. Многумина заминаа бидејќи се исплашени, но ние останавме отворени, поддржувајќи ја нашата армија – вели Мустафа, сопственик на ресторан во турскиот град.

Според репортажата на „Ел паис“ може да се заклучи оти луѓето од двете страни на турско-сириската граница се соочуваат со неизвесност, страв и страдање во воениот конфликт.

Припадник на курдските сили во инспекција на разружен дом во Камишли