Ниту поранешната, ниту сегашната власт не го решава проблемот со гладта

258
Душко Христов во посета на папа Франциск

Во светот се произведува храна која може да нахрани 12 милијарди луѓе, една третина од неа се фрла, а имаме една милијарда луѓе коишто едвај врзуваат крај со крај, вели за „Нова Македонија“ Душко Христов, претседател на невладината организација „Банка за храна“. Ниту поранешната ниту, сегашната власт, според него, не сакаат да го решат решливиот проблем, на локално ниво, со сиромаштијата, со исклучок на поединци, кои со два збора го разбираат проблемот.

Деновине 150 пакети ќе бидат доделени на лица кои живеат под прагот на сиромаштијата. „Банка за храна“ е форма на организација, вели Христов, а банкарството за храна е концепт којшто е пред се транспарентен, чесен и отчетен, и пред донаторот и пред јавноста

Како да го решиме проблемот со сиромаштијата, што го тишти народот?

Со пиар не се решава сиромаштијата, само во градот Скопје на дневна основа има потреба помеѓу 11 и 13 илјади оброци, вклучувајќи го и Сарај. Во Скопје имаме листа од педесетина организации по периферијата на Скопје. Кога ќе ги прашаш скопјани каде е Мојанци или Чајлане, никој незнае, а само во Мојанци живеат околу четири илјади жители од кои 23 семејства се издвоени на ридот, Господ кренал раце од нив. Таму буквално децата незнааат што се кроасани и бисквити. Мора да се стави ред во собирањето и дистрибуцијата на храната, во Скопје девет маркети ја поддржуваат „Банката за храна“, вклучувајќи ја и општина Центар со која со здружени сили оваа година се организира проектот „Нула глад“. Деновиве 150 пакети ќе бидат доделени на лица кои живеат под прагот на сиромаштијата. Овој проект ќе трае до крајот на 2019 година.

До каде е Законот за храна, со кој е предвидено да се регулира што всушност значи вишок храна?

Бидејќи немаме Закон за храна, кој дефинира што е вишок храна, силно притискаме во самиот закон да се предвиди, терминолошки што е вишок на храна. Оттаму, нема да биде полесно, но ќе се регулираат други права и обврски од страна на операторите со храна, а тоа се производителите, дистрибутерите, продавачите и угостителските објекти. Во моментов Законот за храна е во Нацрт верзија, ние сме вклучени во работната група, тие забелешки кои ги имавме веќе се прифатени, а во блиска иднина ќе се донесе и Законот за донирање и спонзорство на храна, кој е исто така многу важен.

Кога е формирана граѓанската организација „Банка за храна“ и кои се целите на истата?

Банкарството со храна функционира во светот веќе 50 години, од 1984 година функцонира во Европа, 35 години активно се движи во Европа, во Македонија веќе девета година функционираме. Кога ја направив „Банката за храна“, која официјално е регистрината во 2011 година, влегував во многу домови, верувајте ми во 15 илјади домови ширум земјава ниту куче не би живеело, луѓето немаат ниту фрижидери. На тие луѓе не можеш ниту основните намирници да им ги дадеш, бидејќи немаат како да ги чуваат. Во системот на нашето размислување е дека човекот треба да биде сит, па се останато, тоа е основно човекото право. Уште истата година кога ја формирав „Банка за храна“, ние добивме право да го користиме логото на Европската федерација на банки за храна, ние сме асоцијативна членка на оваа федерација, каде што имаме право на учество, на сите годишни собранија, само немаме право да гласаме, меѓутоа се слуша нашиот збор.

Угостителските објекти ви излегуваат ли во пресрет за храна, соработувате ли со нив?

Рестораните немаат храна, освен организирани кетеринзи, прослави, свадби, дури и погреби, па кога ќе остане вишок храна, нè контактираат и ние одиме да ја преземеме храната, која ја делиме каде е најпотребна.

Дали Владата има слух за вашата иницијатива, ја добивате ли потребната поддршка од нив?

Првата делегација на Европската федерација на банки за храна, ја одведов кај Заев додека беше градоначалник на Струмица. Неговата хуманост никој не може да ја измери, јас лично знам, не можам да потврдам за колку, меѓутоа сум сведок дека големи средства, лични средства и тој и неговата фамилија имаат доделено на сиромашни семејства. Лани му ја врачивме плакета „Амбасадор за борба против гладот“, но откако е премиер, декларативно не поддржува, но суштински не.

Дали на дневна основа е можно да се обезбедат оброци за сите гладни лица?

Европската федерација на банка за храна, годишно не поддржува финансиски. Не постои општество во светот, ниту во Германија каде има 934 банки за храна, кои се организирани на локално ниво, 950 илјади луѓе јадат на дневна основа, меѓутоа не постои држава во светот којашто може на дневна основа да обезбеди оборци условно кажано за сите гладни. Во Македонија, тој податок е следен, 70 илјади луѓе, имаат два до три оброка неделно, кој мисли спротивно од мене, нека го докаже спротивното. Не прифаќам бројка дека 450 илјади луѓе во Македонија, не можат да си дозволат оброк.

Спроведувате ли истражувања за храната која завршува во отпад, дали се знае точната бројка, според вашите сознанија, на семејствата кои се социјално загрозени?

Според анкетите на „Банка за храна“ кои содржат микс на прашања, поврзани со гладот, сиромаштијата, социо-економските проблеми на поединци, фрлањето храна, расположливоста на компаниите дали храната сакаат да ја донираат или не, е дојдено до податокот дека активната бројка на оние кои имаат проблеми со оброци е над 70 илјади од кои 60 отсто се деца. Банката за храна во Македонија веќе седма година по ред прехранува 300 луѓе во текот на 365 дена во годината, со соработка со прекрасни луѓе кои го разбираат овој суштински проблем.

Како минавте при посетата кај папата Франциск во Ватикан?

Секоја година Европската федерација на банки за храна организира конгреси, кои се одржуват во различни земји. Во рамки на тие годишни собранија, каде учествуваме и ние, обиколуваме важни банки, односно складишта за храна. Во Италија има 29 банки за храна, во Холандија има 170. Во рамки на тие посети ние имаме чест да бидеме примени од високи официјални лица, па така во Рим бевме пречекани од папата Франциск, кој е свето лице, чија мисија е да ја победи сиромаштијата и да го сузбие гладот. Тој ни оддаде признание за она што го работиме, што за нас претставува огромна чест, сепак е признание од свет човек. На тој начин тој оддаде огромно признание, бидејќи ние како банки за храна низ цела Европа, на месечна основа, поддржуваме и на некој начин помагаме на околу 41 милион луѓе во цела Европа.

Кои се идните планови на граѓанската организација „Банка за храна“?

Овој септември ќе имаме две донации од еден и пол тон храна од Белгиската банка за храна, ние не спиеме, работиме во континуитет. Минатата година собравме 112 тона храна. Само три проценти од тоа тоа е промовирано, преку социјални мрежи. Оваа година добиме донација за бебешка храна, во вредност од 72 илјади евра, со цел родителите да не мислат на храна за нивните најмили. Имаме склучено договори, меморандуми за соработка со 11 општини во земјава, кои самите ја преземаат храната од нашата банка и ја донираат каде е најпотребна, за родилите, за болниците и слично. „ВСС ефект“ проектот поддржат од Европската унија е единствен проект во Југоисточна Европа што го има добиено „Банка за храна“, преку европска делегација во Скопје. Ние сме 1.300 банки, има „Банка за храна“ во Србија, Бугарија, Грција, Албанија, ние сме единствената банка која има добиено европски проект. Тоа е проект кој што трае три години, чија цел е се зајакнат организациите, да претставиме што е всушност, банкарство со храна, во тие рамки се обезбедени и научни посети. Во рамките на овој проект ќе имаме две три екипи во повеќе наврати, ќе посетиме една од поразвиените банки за храна во Милано, Браселона, Италија, Германија, каде што самите волонтери ќе се уверат дека банкарството со храна навистина постои, ќе видиме како тие функционираат.