Не се работи за Трамп, Мадуро или за мене – се работи за венецуелскиот народ

369

Колумна на лидерот на венецуелската опозиција Хуан Гуаидо

Њузвик

Мојот имунитет беше одземен од страна на венецуелското нелегитимно Уставно собрание. Но не се работи за нешто што мене ми се случи. Се работи за сите нас, Венецуелците, кои силно се бориме за да ја вратиме демократијата. Не се работи за конфликтот меѓу американскиот претседател и револуционерниот лидер, како што ќе ве натера да поверувате пропагандата на пријателите на Николас Мадуро. Се работи за конфликт меѓу граѓаните кои сакаат слобода и тиранин.

Диктатурата на Мадуро претставува катастрофа за Венецуела. Од 2014 година, БДП на државата се намали за 50 отсто. Веќе неколку години имаме највисока инфлација во светот, а лани западнавме во хиперинфлација. Неколку милиони Венецуелци си заминаа од државата. Сиромаштијата се зголеми на 90 отсто, а над 65 отсто од населението гладува, што е досега на највисоко забележано ниво. Десетици илјадници деца и постари лица починаа од неисхранетост или од излечиви болести.

Во изминатите неколку години, Венецуела исто така стана една од државите во кои има најмногу насилство во светот. Во последните 15 години, над 250.000 Венецуелци загинаа во насилствата. Овие бројки се слични на мексиканските за истиот период, но Мексико има над 120 милиони жители, додека Венецуела има 31 милион жители. Со други зборови, ние имаме највисока стапка на убиства на 100.000 жители на американскиот континент. Добиваме предупредувања за крвопролевањата, но тоа трае веќе со години во нашата земја.

На ваквото црно салдо поради распадот на општеството и подемот на криминалот мораме да ги додадеме и жртвите на намерни политички притисоци што ги вршат организациите како Силите за специјална акција (ФАЕС) кои безброј пати ги прекршија човековите права, вклучувајќи и речиси 9.000 противзаконски егзекуции што е три пати повеќе од бројот на исчезнати за време на воената диктатура на Пиноче.

Ваквата страшна слика е надополнета со присуството на стотици кубански националисти во венецуелската армија, како и членови на колумбиската ЕЛН и ФАРК во огромни области од нашата држава.

Во центарот на сите случувања е Николас Мадуро кој силно се држи за власта и бесрамно ја узурпира претседателската функција од 10 јануари годинава. Но дури и претходно, тој ја игнорираше волјата на гласачите кои ја искажаа на претседателските избори од 2015 година и две години подоцна тој организираше државен удар, со кој го прекрши сегашниот устав така што го поддржува ортачкото, фашистичко и незаконско Уставно собрание во кои се собрани неговите верни следбеници.

Во меѓувреме, забрана добија четирите главни демократски партии во Венецуела. Истото важи и за нивните лидери. Од 23 јануари уапсени се над 800 Венецуелци, вклучувајќи 84 малолетни лица, а над 40 убиства извршија угнетувачките органи лојални на диктатурата.

За да се надмине ваквата состојба, ние предложивме политички план во три чекори со цел да се вратат политичките институции во Венецуела и со тоа да престане узурпацијата на претседателската функција, да се состави преодна влада и да се свикаат слободни, фер и транспарентни избори. Овие избори мора да гарантираат дека на нив ќе гласаат сите Венецуелци без исклучок, вклучувајќи ги и чавистите на Мадуро, ако сакаме да воведеме политичка реалност во која сите партии ќе го заземат своето легитимно место и ќе ја застапуваат волјата на народот.

Истовремено, со оглед на очајната состојба на милиони Венецуелци, ние се залагаме за добивање на хуманитарна помош во земјата, да се обезбеди пристап до лекови, храна и помош за оние кои најмногу настрадаа и оние на кои им се најнеопходни.
Во ваквиот потфат, ние имавме поддршка од најголемиот дел од американските и европските демократии. Всушност, во август 2017 година, повеќето латиноамерикански држави со кои имаме историски и културни врски ја формираа групата Лима, како поддршка за напорите повторно да се врати демократијата во Венецуела. Ним им должиме огромна благодарност, како и на оние кои ни пружија странска помош и ги прифатија нашите иселеници, како и присилно раселените.

Истото важи и за американската администрација и Конгресот чија помош беше навистина охрабрувачка. Особено сме охрабрени од фактот што ваквата политика на дипломатски и економски притисок врз диктатурата на Мадуро е двопартиска, односно подеднакво се согласни и републиканците и демократите.

Играв водечка улога во овие колективни напори како претседател на Националното собрание на Венецуела, бидејќи, строго според нашиот Устав, јас ја презедов извршната власт. Ова вклучува ризици по физичката безбедност и слободата на моето семејство, моите соработници и мене самиот. Всушност, нелегитимното Уставно собрание на Мадуро гласаше да ми се одземе имунитетот, што многумина стравуваат дека може да биде последниот чекор пред да бидам лишен од слобода.

Но гласањето, можното апсење и што и да следува, не се моите најголеми стравови. Стравувам дека Венецуелците ќе продолжат да страдаат без да добијат лекови за децата. Стравувам дека постарите лица ќе продолжат да умираат од неисхранетост и излечиви болести. Мојот најголем страв е дека диктатурата ќе продолжи да постои и оти милиони Венецуелци ќе страдаат и гладуваат.

Како и обично, ќе продолжиме апсолутно да отфрламе насилно решавање на ваквата состојба. Но како што кажа Нелсон Мандела „угнетувачот, а не угнетениот, секогаш ја диктира формата на борбата“.

Автор: Хуан Гуаидо

Хуан Гуаидо се прогласи за привремен претседател на Венецуела и неговиот мандат, кој започна годинава, беше признаен од речиси 60 држави во светот. Ставовите изразени во оваа статија се лични на авторот.

Подготвила: Билјана Здравковска