Еден од највпечатливите моменти на годинашниот самит Г20 во Осака, претставува помалку збунувачката видео-снимка на која се забележува како ќерката на американскиот претседател Доналд Трамп, Иванка, се вмешува меѓу светските лидери. Нејзиниот несмасен влез во кругот на моќниците, веројатно ја засени и средбата помеѓу Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, објавува „Фајненшл тајмс“.

На снимката објавена од француската влада, можат да се забележат различни изрази на изнудена учтивост кога Иванка Трамп го прекинува разговорот меѓу францускиот претседател Емануел Макрон, британската премиерка во заминување Тереза Меј, канадскиот премиер Џастин Трудо и извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Легард, која не можеше да го сокрие незадоволството.

Самопрогласената „прва ќерка на САД“ е присутна на светските самити, на кои останатите претставници од администрацијата на Трамп се безмалку невидливи во споредба со Иванка Трамп и со нејзиниот сопруг Џаред Кушнер. 

Иванка Трамп и Кушнер имаат пристап до сите теми за кои се дискутира во овалниот кабинет. Зетот на Трамп е задолжен за израелско-палестинскиот мировен план, кој го претстави минатата недела во Бахреин. Иванка покрена фонд за женско претприемаштво, а задолжена е и за програмата за обука на американската работна сила. 

Затоа медиумите го поставуваат прашањето дали ќерката на претседателот има сопствени политички амбиции. На самитот на Г20 во Хамбург пред две години, Иванка Трамп предизвика негодување во светската јавност, откако накратко застана пред нејзиниот татко на состанок на светските лидери. Важноста на Иванка Трамп во политиката оттогаш само се зголеми. 

Доналд Трамп веќе навести дека размислува за создавање на политичка династија, а тој ја разгледуваше можноста за назначување на Иванка Трамп за амбасадорка во Обединетите нации, како и на водечката функција во Светската банка, но се откажа поради можните обвинувања за непотизам. А всушност, ниту една од функциите веројатно не би донела ниту приближно влијание во однос на она што Иванка Трамп и Џаред Кушнер го имаат моментно во Белата куќа.