Навидум пријателскиот ручек ги крие заткулисните пресметки на самитот Г7

419
Доналд Трамп (лево) и Емануел Макрон на ручек во пресрет на самитот Г7

Францускиот претседател Емануел Макрон истакна дека ќе изврши притисок врз светските лидери на самитот Г7 со цел да спречи потполна трговска војна, односно забавување на светската економија, но американскиот претседател Доналд Трамп не покажа знаци за повлекување од неговиот фронтален напад врз Европа и врз Кина, пренесува „Политико“.

Двајцата претседатели беа срдечни пред медиумите кога се сретнаа на ручек во пресрет на почетокот на самитот, но зад кулисите, Макрон и Трамп имаа различни гледишта за самитот. Американските претставници го обвинија францускиот претседател дека сака да го „разурне Г7“, односно дека сака да го оттргне вниманието од трговските прашања и да го насочи кон климатските прашања. Од француската страна ги негираа ваквите тврдења.

Познавачите на состојбите очекуваа тежок самит со оглед дека Германија се движи кон рецесија, а Велика Британија се соочува со можноста за брегзит без договор, но се појави и можноста за отворена конфронтација уште во пресрет на средбите во Бијариц, Франција.

Трамп веќе најави покачување на царинските такси за безмалку сите кинески производи, му се закани на францускиот колега да ја повлече „дигиталната такса“, а јасно истакна дека е против ставовите за климатските промени кои ги имаат Јапонија, Канада и ЕУ. Европските лидери се во конфликт и со бразилскиот претседател Жаир Болсонаро поради ситуацијата со пожарите во Амазонија. Лидерите на Г7 разговараа и за прашањата од глобалната политика поврзани со Сирија, Хонгконг, Кина и со Русија.

Ситуацијата на Г7 најдобро ја опишува изјавата на германската канцеларка Ангела Меркел која истакна дека „времето ќе биде кратко бидејќи има толку многу проблеми“.