Мијалков и Ибраими одат во куќен притвор

270

Домашен притвор за поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и за Бедредин  Ибраими, а мерка претпазливост за Анета Стефановска, одреди Апелацискиот суд во Скопје постапувајќи по нивните жалби за предметот на СЈО „Титаник 2“. Жалбите на Влатко Сајковски и на Сашо Срцев се одбиени како неосновани.

– Апелацискиот суд Скопје постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-13/19, во јавноста познат како „Титаник 2“ , по одржана јавна седница, донесе одлука со која жалбите на обвинетите Б. И., С. М. и А. С., делумно ги уважи.

По повод жалбата и по службена должност заради правилна примена на Законот спрема обвинетиот Б. И. определи куќен притвор со траење до правосилноста на пресудата КОК.бр.62/17 од 08.03.2019 година, односно до започнување со издржување на казната.

По повод жалбата и по службена должност заради правилна примена на Законот спрема обвинетиот С. М. определи куќен притвор со траење до правосилноста на пресудата КОК.бр.62/17 од 08.03.2019 година, а најдолго 60 дена сметано од 08.03.2019 година.

По повод жалбата и по службена должност заради правилна примена на Законот спрема обвинетата А. С. определи мерка на претпазливост – Обврска на обвинетата да се јавува повремено во Основен суд Битола секој работен вторник, со траење до правосилноста на пресудата КОК.бр.62/17 од 08.03.2019 година.

Жалбите на обвинетите В. С. и С. С., се одбиваат како неосновани, се наведува во соопштението од Апелацискиот суд.

Во првостепената пресудата за „Титаник 2“ Мијалков е осуден на три години затвор, Мендух Тачи на три години и два месеци, Бедредин Ибраими на четири години и шест месеци, а Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефановска добија по три години затвор.

Кривичниот суд го прифати барањето на СЈО и им определи притвор на Мијалков и на Ибраими, а останатите четворица осудени добија мерки за претпазливост.

Според обвинението од СЈО, Мијалков како директор на УБК и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го искористил своето влијание и преку Мендух Тачи договорил да се усвојат приговорите за прегласување на три избирачки места во Струмица на локалните избори 2013 година.