Милошоски: Аудиозаписот што го предадов да биде доказ за „Меѓународен сојуз“

265

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски на средба со обвинителката Вилма Русковска приложил диктафон со аудиозапис и транскрипт од материјалот што го добил од „свиркач“.

Милошоски тврди дека станува збор за доказ дека експремиерот Зоран Заев знаел за начините на кој се финансира 1ТВ, чиј неформален сопственик беше Бојан Јовановски – Боки 13, првообвинет за случајот „Рекет“.

– Обвинителката беше коректна, направи записник по предадениот материјал и рече дека истиот ќе го вкчучи во истрагата за Меѓународниот сојуз. Како што кажав, овие записи покажуваат дека Зоран Заев знаел за финансирањето на оваа невладина организација и на 1ТВ. Да нема никакви дилеми, јас како правник порачувам дека најдобро би било обвинителството да го повика Заев да даде исказ во однос на сомничењата. Ова е засега се што имам, доколку имам друг материјал, би постапил исто како сега. И за да нема прејудицирања, би било добро Зоран Заев да дојде да се изјасни дали знаел или не знаел како се финансираат и Меѓународниот сојуз и 1ТВ – изјави пратеникот Милошоски по предавањето на аудио материјалот.

Инаку, истата снимка пратеникот ја објави на Комисијата за европски прашања, а транскриптот од разговорот им го подели на пратениците. Во транскриптот што Милошоски го прочита, наводно З.З води разговор со друго лице чиј идентитет е непознат, а зборуваат за осомничениот за „Рекет“, Бојан Јовановски. Според транскриптот, Заев наводно вели дека Јовановски за 1ТВ добива пари од бизнисменот Силјан Мицевски, како донација преку проектот за старечките домови на Меѓународниот сојуз.