Макрон им нанесува удар на македонските аспирации?

2251

Балканските надежи за почнување на пристапни преговори со Европската Унија се доведени во прашање додека Франција инсистира дека блокот не е подготвен за можноста за прифаќање на нови членки, според документите разменети помеѓу дипломатските мисии во Брисел, објавува „Блумберг“.

Париз сака сите понатамошни преговори да бидат „постепени и поконкретни во бенефитите кои ги носат за засегнатите држави и отповикливи во поглед на ефективната, видливата и одржливата имплементација на реформите“, според комуникацијата од министерскиот состанок во Луксембург.

– Не треба да биде даден датум за формални преговори со Северна Македонија и со Албанија, пред ЕУ да го заврши „ремонтот“ на сопствената методологија – се наведува во дописот што француските дипломати го испратиле до другите влади во ЕУ на 10 октомври.

Поддржувачите на проширувањето тврдат дека можноста за членство во ЕУ ќе го доближи дополнително проблематичниот регион до Западот, додека неможноста за давање на датум за почеток на преговорите ризикува слабеење на реформаторските сили во Албанија и во Македонија.

На инстистирање на Франција, ЕУ истакна дека прифаќањето на нови членки треба да ја земе предвид можноста на блокот за „нивна интеграција“, според комуникацијата од јуни.

Франција и Холандија не се единствените евроскептици. Додавајќи на компликациите, државите како Грција и Бугарија ги истакнуваат билатералните прашања кои треба да бидат решени, додека другите бараат поврзување на одредени услови со позитивниот одговор, особено за Албанија.

Се очекува европските амбасадори денеска да направат последен обид за изнаоѓање на компромис, пред утрешната средба на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксумберг каде што ќе биде донесена одлуката. Лидерите на ЕУ треба да донесат заклучок за одлуката на нивната средба во Брисел, в четврток.