Маките на врховниот командант Трамп

674

Тензиите предизвикани од судирот помеѓу агресивната реторика на американскиот претседател Доналд Трамп и неговото воздржување од интервенции во надворешната политика, беа видливи кога тој се упати во конференциската сала „Џон Ф. Кенеди“ во Белата куќа, каде што требаше да донесе одлука за ситуацијата со Иран. Присутните во просторијата можеле да забележат дека обврските што ги има како врховен командант претставуваат голем товар за Трамп кога од неговите одлуки зависат човечки животи, пренесува Си-ен-ен.

Трамп не открил какви му се намерите, фокусирајќи се на различните перспективи и аргументи кои му биле предложени од присутните законодавци, во врска со ситуацијата со Иран, истакна Џејмс Риш, претседавачот на комитетот за надворешни односи во американскиот Сенат. Но, според Риш, било јасно дека Трамп е претседател кој „не сака да оди во војна“.

– Навистина го гледав како се мачи околу ситуацијата. Одлуката се сведува на еден човек – им кажа Риш на медиумите, а слично видување изнесе и демократот Адам Смит, кој истакна дека „Трамп се борел за да се справи со ситуацијата“.

Дилемата на Трамп наишла на безмалку едногласно мислење на тимот за национална безбедност, чии членови сметале дека САД треба да возвратат на соборувањето на американскиот дрон над Ормутскиот Теснец од страна на Иран. Но претседателот ги откажа воздушните напади врз цели во Иран на неколку минути пред почетокот на акцијата. Во текот на процесот Трамп бил сконцентриран и многу сериозен, сфаќајќи дека американскиот воен врв не може да го предвиди одговорот на Иран, односно оти неговата администрација има обврска да избегне поголема војна, тврди функционер кој бил присутен на состанокот. Тој додава дека Трамп, сепак, не ја исклучил можноста за воена акција.

Познавачите на состојбата сметаат дека Иран сака дијалог со САД, кои пак, повторно размислуваат за воведување нови санкции.