Македонското знаме се развиори пред седиштето на НАТО во Брисел

415

Македонското знаме попладнево беше кренато пред седиштето на НАТО во Брисел, додека се интонираше македонската химна, на церемонија со која е значено официјалното пристапувањето на Македонија во Алијансата.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и посака добредојде на Македонија Северноатлантската алијанса во пресрет на кревањето на знамето.

– Триесет знамиња сега ќе се веат заедно како симбол на нашето единство и солидарност. Ова е историски момент за Северна Македонија и доаѓа по години посветеност и заложба за реформите. Посилни сме заедно. Добредојдовте во НАТО – истакна Столтенберг.

Tехничкиот премиер Оливер Спасовски преку видеоврска од Скопје ја следеше свечената церемонија пред седиштето на НАТО во Брисел.

Формалната постапка за членството во НАТО официјално беше затворена во петокот по депонирањето на инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор во Стејт Департментот на САД во Вашингтон, откако претходно сојузниците во Алијансата го потпишаа пристапниот протокол во февруари минатата година. Потоа сите 29 национални парламенти гласаа за ратификување на членството на Македонија во Алијансата.